Германската канцеларка Ангела Меркел на 14 септември ќе допатува во неколкучасовна посета на Тирана, со цел да се даде нов поттик на Берлинскиот процес започнат во 2014 година, јави дописничката на МИА од Тирана.
Заедно со премиерот Еди Рама, во Тирана, Меркел ќе седне на иста маса со лидерите на шесте земји од Западен Балкан кои го прифатија овој процес, чија цел е олеснување на регионалната соработка помеѓу нив. На средбата нема да присуствува српскиот претседател Александар Вучиќ, бидејќи се работи само за претседатели на влади, пренесува Топ чанел.
Најважната компонента на Берлинскиот процес е таканаречената „Агенда за поврзување“, која првично има за цел да ги поврзе шесте земји од Западен Балкан во областа на транспортот и енергетиката, но и помагање и исполнување на критериумите за членство во Европската унија.












