ВЕСТ НА ДЕНОТ
Мерките на Комисијата за заразни болести не се дискриминирачки, смета Мрежата за спречување и заштита од дискриминација
Мрежата за спречување и заштита од дискриминација смета дека предлог-мерките на Комисијата за заразни болести се неопходни и не се дискриминирачки затоа што се насочени кон заштита на јавното здравје.
– Како организации кои се посветени на заштитата на човековите права, сметаме дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од Ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права, наведуваат од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Груби: Во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се залагаат за европската иднина на државата
–Во моментов разговараме не само со Алтернатива туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарното мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарното мнозинство и да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија, рече на новинарско прашање Груби кој присуствуваше на одбележувањето на 113-годишнината од Битолскиот конгрес и 14-годишнината на постоењето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Северна Македонија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АНТИКОВИД МЕРКИ Министерот за здравство Венко Филипче утрово пред Главниот Координативен Кризен Штаб (ГККШ) ги предложил мерките за невакцинираните вработени во јавниот сектор и здравствените работници на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени минатата недела, но на состанокот на ГККШ не се донесени заклучоци, информираа од Министерството за здравство. Новите предлог мерки за заштита од Ковид-19, како што најавија од МЗ, ќе се разгледуваат утре на седница на Влада. За вечер е предвиден состанок на Филипче со синдикатите и нивните предлози ќе бидат доставени до Владата.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ На денешен ден, во 1908 година во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука.
На Конгресот се решава азбуката да се состои од 36 латински букви, што е во употреба до ден денес. За потребите на печатење на книги и весници со албанска азбука, во Битола тогаш се отворила и првата печатница, позната како Битолска Печатница, финансирана од група трговци – Албанци муслимани.
Зградата во која се одржал Битолскиот Конгрес, денес е Музеј на албанската азбука во кој се поставени фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма со кои се афирмираат преродбеничките, културолошките и напредните движења на албанскиот народ.
ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР Државниот пазарен инспекторат досега има извршено 1.280 инспекциски надзори и вкупно се затворени 20 угостителски објекти, од моментот на носење на одлуката за задолжително поседување на сертификати во угостителските објекти, изјави на денеска на прес-конференција во Влада директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска.
Затворањето, посочи Симеска-Димоска, е врз основа на тоа дека дел од гостите не поседувале сертификати или пак поради констатирано поголемо присуство на лица во објектот од дозволеното или за непочитување на протоколите за одржување дистанца.
ОБРАЗОВАНИЕ Состојбата со КОВИД-19 во училиштата е апсолутно стабилна. Процентот на позитивни нови случаи на дневно ниво се движи помеѓу 0,01 и 0,03, а вкупниот број активни случаи е околу 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици кои следат настава со физичко присуство, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека поради стабилната ситуација останува првото сценарио – физичко присуство и дека состојбата постојано се следи.
Доколку Комисијата за заразни болести понатаму има различни информации и ако се случи нешто поинаку, рече таа, МОН е подготвено да реагира и да го промени сценариото односно моделот на настава. Дотогаш, нагласи Царовска, во најголем интерес на учениците е училиштата да бидат отворени.
ОБВИНИТЕЛСТВО Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против три лица – двајца полнолетни и еден малолетник, кои се осомничени за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 8 во врска со член 19 (во обид) и со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик. Против двајцата полнолетни соизвршители донесена е Наредба за спроведување истражна постапка, а до Основниот суд во Тетово поднесен е предлог за определување мерка притвор. За малолетникот, пак, постапката ќе се води според Законот за правда на децата.
АНТИКОРУПЦИЈА Исполнуваме уште една мерка од Планот за борба против корупција, започнува реализацијата на системот „Е-инспектор“, изјави на денешната прес-конференција заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Вицепремиерот Николовски посочи дека за ефикасна имплементација на системот, за трите клучни инспекторати Државниот пазарен инспекторат, Државниот трудов инспекторат и за Државниот управен инспекторат, веќе се обезбедени лаптопи, неопходни за дигитално спроведување на надзорите и контролите.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервјуто на Зоран Иванов со Драган Спасов Дац, за него, за нас, за скопското урбано и скопското рурално, за општеството и државата, за културата и мултикултурата, за власта и опозицијата, за изборите и гласачите, за метлата и сметеното, за уметникот и политиката, за поезијата и љубовта или обратно, сеедно, за…
АНАЛИЗИ
Ротердам, Виена, Рим, Загреб, Белград… илјадници антиваксери излегоа на улиците да се спротивстават на вакцинација против чумата на 21 век – Короната, и на мерките кои цивилизираниот свет ги воведува за да го ограничи ширењето на оваа болест, и да ја спаси планетата од сè поголем број починати.
Единствениот спас и одбрана од Ковид 19 во овој момент е масовната вакцинација и воведување на мерките на изолација на антиваксерите, односно, воведување на ковид пропусниците за вработените во јавни институции и воведување на мерките со кои ќе се контролира ширењето на болеста. Како пропратна мерка потребна е и енергична борба против лажните вести и ширење на теории на заговор, пишува Александар Николиќ Писарев во својата анализа “Кој стои зад антиваксерското движење во Европа“.
СЛОБОДНА ЗОНА
Минатата недела, по настанот на Општина Кисела Вода за старт на изградба на фекална канализација, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа упати прашање до ВМРО-ДПМНЕ и до Општината – во кое својство присуствуваше Мицкоски на настанот, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, или како професор на државен универзитет, кој во работно време платено од граѓаните, присуствува на почеток на изградба канализација, платена со буџетски пари?, читајте во новата колумна на Петрит Сарачини во MIDNIGHT EXPRESS „Што барате вие тука, господине Мицкоски?“
Вака како што се одвиваат кавгите во јавниот простор, не може далеку да се стигне речиси на ниту една важна тема за македонското општество. На пример, саботното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ дека „власта краде струја за копање крипто-валути“ е исто толку бесмислено и простачки навредливо како и карактеризирањата дека слушнатите налудничави теории на заговор од саботните антиваксерски протести во центарот на Скопје се од луѓе блиски (или членови) на македонската партиска конзервативна десница. А и едната и другата тема се важни за времето во коешто живее целата заедница., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Ало, Собрание, дали се слушаме?“
Д.Мишев