Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повика Иран веднаш да започне преговори со Соединетите Американски Држави и Израел со цел да се најде дипломатско решение за конфликтот, соопшти денеска портпаролот на германската Влада.
Тој рече дека Мерц „тесно ќе се координира“ со своите партнери од ЕУ и САД за понатамошните чекори во текот на денот.
Британскиот премиер Кир Стармер го повика денеска Иран да се врати на преговарачка маса и нагласи дека стабилноста во регионот останува приоритет, соопшти Даунинг стрит, откако САД синоќа гаѓаа три големи нуклеарни објекти во Иран.
„Нуклеарната програма на Иран е голема закана за меѓународната безбедност. На Иран никогаш не му било дозволено да развива нуклеарно оружје и САД презедоа акција за ублажување на таа закана“, рече Стармер.
Тој истакна дека ситуацијата на Блискиот Исток останува нестабилна и нагласи дека стабилноста во регионот е приоритет.
Американскиот претседател Доналд Трамп рано изутрината соопшти дека САД синоќа нападнале три постројки за збогатување ураниум во Иран и дека сите три постројки се целосно уништени.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта ги повикаа сите страни на воздржаност и да се вратат на преговарачка маса.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во врска со американските воздушни напади врз три ирански нуклеарни објекти изјави дека постои „зголемен ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“.