Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратеникот Антонио Милошоски излегоа со тврдење дека владата во Романија паднала поради пожар во модуларна болница, барајќи истото да се случи и со македонската влада по пожарот во модуларната болница во Тетово. Ова тврдење на Мицкоски и Милошоски со денови беше повторувано и од други говорници и соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа тврдење, според повеќе светски агенции, не е точно.
Асошиејтед прес, на 5 октомври 2021, извести дека падот на романската владата е дел од политичката криза што започна пред еден месец кога премиерот Циту го отпушти министерот за правда Стелијан Јон од УСР-Плус поради непотпишување на програма за регионален развој. Партијата USR-Plus го нарече потегот „навредливо отповикување“ и ја напушти владината коалиција од три партии. И во други извештаи од светски агенции не се спомнува дека владата во Романија паѓа поради пожарот во ковид болницата. Освен програмата, како причини се наведуваат и критичната ситуација со пандемијата, а и несогласувања околу реформите во правосудството.
За жал, ова не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да бидат забележани како извор на дезинформации. Таквото поведение беше нотирано и во извештај за потребите на Европскиот парламент во 2020 година, а партијата на неколку наврати беше демантирана од странски амбасади и влади.
Политичката битка не треба да се води на ваков начин, со дезинформации и злоупотреба на трагедии за политички поени. Но, таквиот пристап очигледно се засилува за време на изборите. Затоа, граѓаните треба да внимаваат, и добро да ги проверуваат информациите.
Петрит Сарачини