Министерството за правда, по прибирањето на сите потребни документи, во предвидениот рок ќе достави до бугарските власти барање за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во земјава, велат од министерството за ЦИВИЛ Медиа.
Од министерството додаваат дека информациите се дека тој сè уште е во полициска станица, каде што е задржан.
Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, беше уапсен вчера во Софија, тој бил приведен по пријава за семејно насилство, потврдија полициски извори за Бугарското национално радио, јави дописникот на МИА од Софија.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на прославата на победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето.