ВЕСТ НА ДЕНОТ
Ќе се извлече ли Мицкоски за штетата од 28 милиони евра за раскинување на договорот со Германците
Според директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, нецелосното функционирање на Блок 1 од РЕК Битола и честите испади се должат на тоа што овој блок не е ремонтиран, а причина за тоа е раскинатиот договор за ремонт со германска компанија со која во моментот Северна Македонија е на арбитражен суд во Париз.
Ова може нашата земја да ја чини 28 милиони евра, сума која ја бара германската компанија, но според Ковачевски тим од адвокати прави напори сумата за отштета да биде помала.
„Договорот е склучен во 2012 година е раскинат во 2016 година, од страна на тогашното раководство на ЕСМ. По тој договор е направен ремонт на блоковите 2 и 3. Според образложението за раскинувањето на договорот, тој еднострано е раскинат од ЕСМ затоа што не биле добри перформансите на извршениот ремонт на блоковите 2 и 3, нешто што не е врзано со Блок 1. Ако веќе се барала одговорност, согласно договорот, требало да се бара токму за тие блокови, а не да се раскине. Германската компанија понудила спогодба за помирување неколку пати, но тоа не е постигнато“, појасни Ковачевски.
На новинарско прашање дали ќе се бара одговорност од тогашното раководство на компанијата, кога директор бил Христијан Мицкоски, и штетата што ја предизвикало ова раскинување, Ковачевски вели дека прво ќе се чека конечната сума од судскиот процес, а потоа секако ќе се бара законска одговорност за оваа донесена одлука.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ви честитам за напредокот постигнат во изминатата година. Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда“, му пишува францускиот претседател Макрон во писмото на својот македонски колега Пендаровски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ВЛАДА Алијанса за Албанците ќе биде дел од Владата, одлучи највисокото тело на партијата, а за нејзиниот влез во владината коалиција зелено светло даде и Централниот одбор на СДСМ. Седницата за реконструкција на Владата можно е да биде закажана веќе в понеделник, вели претседателот на Собранието Талат Џафери, ако во текот на денот премиерот Димитар Ковачевски го достави предлогот до пратениците за составот на новиот владин кабинет.
ОЈО Против осомничениот Марјан Стаменковски, сопственик на „ДоказМ“, во Основното јавно обвинителство Скопје се води постапка, бидејќи постои основано сомнение дека преку веб портал во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ, едно кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в.чл.19 од КЗ, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.2 вв ст.1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ, информираат од Обвинителството.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Изминативе денови во МВР пристигнале пријави од граѓани кои се пожалиле дека добиле електронски пораки во која се известуваат дека се предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела кои ги немаат сторено.
ЗДРАВСТВО Фондот за здравствено осигурување соопшти дека правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето на рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето на лекови на граѓаните, се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги. Усогласени се и решенија за остварување на правото на итни ортопедски помагала заедно со ортопедските куќи.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Во раните утрински часови денас, петок, 10 февруари, во повеќето региони на Украина беше активирана тревога за воздушен напад, пренесува Укринформ според платформата за предупредување за воздушен напад. Во Кијив и Кијевската област алармот се вклучи во 4 часот по локално време.
*
„Според податоците од силите за противвоздушна одбрана, над Кијив биле соборени десет проектили. Нема информации за жртви“, напиша Кличко.
*
Денеска во Украина се вратени телата од 61 бранител, соопшти украинското Министерство за реинтеграција на привремено окупирани територии на Телеграм, пренесе Укринформ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Католиците и протестантите 300 години војуваа, а потоа ја оформија единствена Европа. Ако ние од нив тоа не го научиме, ќе биде многу лошо за нас како земја и народ.
Ви делува ли како сувопарно филозофирање? Добро, ајде малку да конкретизираме. Ковачевски и парламентарното мнозинство од вчера порасна за над 72 пратеника. Во Владата влезе Алијанса на Албанците на Таравари. Идејата е да се оформи широк Европски блок во земјата. Добро, Бугарите имаат незгоден табиет, што да правиме, не се широки и европеизирани како што сме ние, и со една ограда, тие се, а ние не сме во Европската унија“, пишува Ненанд Јовановиќ во колумната „Да продолжиме „опасно да сонуваме“ дека подобар свет е можен“.
Д. Муратов