Во гостување на ТВ21 на 16 декември 2021, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше прашан од новинарот за коментар на изјавата на потпретседателот на партијата, Николоски.
„Еве во моментов ми пролета една изјава од пред некој ден, на потпретседателот на вашата партија, Александар Николоски, кој вели дека можеби најголема грешка на ВМРО-ДПМНЕ е „Скопје 2014-та“ и парите што се издвоиле за тоа – сега да сме на ова место, и на оваа позиција, ние би ги инвестирале во Чебрен и Галиште.“, праша новинарот Љубиша Цветкоски.
Мицкоски коментираше правејќи ја омилената споредба меѓу „перцепцијата“ и „суштината“:
„Е, сега, ако зборуваме за перцепција, да, во право е. Но, ако зборуваме за суштина, во тој период, Македонија беше – бидејќи имаше нели финансиска криза, имаше должничко-доверителска криза во тој период – Македонија беше во првите три земји во Европа, по стапката на раст. Или, во тоа време по стапката на пад, бидејќи сите економии паѓаа. Јас сега зборам за суштина. Да, перцептивно точно, на луѓето не им се допадна, на мнозинството на граѓани „Скопје 2014“ и тие своето си го кажаа на изборите, најпрвин парламентарни, па потоа и локални. И, со тоа заврши. Е, сега, суштината која е во тој период, ние бевме во првите три земји во Европа. Сега, овие што ништо не прават, што имаат супер перцепција, како вие што рековте, бројат приходи…, каква е суштината? Ние сме последни.“
Овие искази на Мицкоски во гостувањето на ТВ21 можат да се подложат на методот на проверка на факти. Имено, дали е точно дека во периодот по обелоденувањето на проектот „Скопје 2014“ во 2010 година – „Македонија беше во првите три земји во Европа, по стапката на раст“ – или „по стапката на пад, бидејќи сите економии паѓаа“? Дали е точно, исто така, дека тогаш „ние бевме во првите три земји во Европа“ – како што вели Мицкоски, а сега „ние сме последни“?
На веб-страницата на Евростат има податоци за реалниот раст на БДП во 39 држави од Европа од 2009 до 2020 година. Постои само една година кога Македонија била на трето место во Европа, иако со негативен раст од -0.4%, а тоа е 2009-та, кога проектот „Скопје 2014“ не беше јавно обелоденет. Тој беше промовиран во јавноста дури на почеток на 2010 година, со видеото „Визуелизација на центарот на Скопје во 2014“, објавено на 4 февруари 2010-та.
Оттаму, за ефектите на „Скопје 2014“ врз економскиот раст може да зборуваме од 2010 година натаму, а во тој период земјата никогаш не била „во првите три земји во Европа“ по економски раст, ниту пак сега „ние сме последни“ – како што тврди Мицкоски.
Има повеќе други земји во Европа кои имаат понегативна стапка на раст на БДП во 2020. И ако ги земеме предвид податоците на Евростат од 2020 Македонија – пад од -4.5%, и ако ги земеме последните податоци од Завод за статистика од 10 декември 2021 според кои „Реалната стапка на раст на БДП во 2020, во однос на 2019 година, изнесува -6.1%“.
И последните податоци на Заводот за Статистика од 7 декември покажуваат дека не се точни тврдењата на Мицкоски дека сега „ние сме последни“ по раст на БДП. За третото тримесечје од 2021 стапката на раст на БДП е 3.0 %, а според податоците на Евростат од 16 ноември 2021, порастот на БДП во еврозоната е 2.2%, а во ЕУ 2.1%, значи помал отколку кај нас.
Следствено, Мицкоски, останува два пати со кратки нозе на ТВ21. Ем кога тврди дека проектот „Скопје 2014“ ни овозможил да бидеме со економски раст „во првите три земји во Европа“, ем кога тврди дека сега „ние сме последни“. И тука не зборуваме за разлика меѓу перцепција и суштина, туку за математички прецизни статистички факти.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски