Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски, најави дека официјалниот список со имињата на министрите заедно со програмата во вторник на 18 јуни ке ги достави до Собранието на Република Северна Македонија.
Владата ќе биде со нови и реорганизирани министерства исполнети со луѓе од владеачката коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. И покрај тоа што деновиве веќе се шпекулира со дел од имињата кои ќе ја сочинуваат владата, сепак Мицкоски не откри кој се е во игра за да седне во министерска фотелја.
„Предлозите на „За твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ“ ќе ги објавиме во недела. Партијата си има своја структура која има вертикална организациска поставеност, го почитуваме статутот и работиме по актуелните закони. Седници на извршниот и централниот комитет ќе одржиме во недела и таму ќе бидат преставени кадровските решенија со нивната биографија, очекувам членовите да се произнесат по предлозите и ако е позитивно ќе ги соопштаме веднаш на јавноста“, рече Мицкоски.