За многу работи оваа Влада беше браник, да не дозволиме да продолжи понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија и токму тоа е за тие политички глодари проблем којшто сакаат преку овие протести да добијат некој политички поен, па гледаат шанса, вели премиерот Христијан Мицкоски за најавите за протест во државата поради трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени.
„Протестите се демократска алатка на изразување незадоволство, и јас сум нервозен и верувам дека и вие сте незадоволни, сите ние сме незадоволни од сето тоа што се случува и тука не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме, многу работи изминативе девет месеци откако е избрана оваа Влада се решија. Јас апсолутно се придржувам на изразувањето револт и гнев, затоа што уште многу работи пред нас останаа да се решат, но ќе се бориме до последен атом енергија којшто го имаме да исправиме нешто во името на идните генерации коишто доаѓаат“, вели Мицкоски.
Преку ноќ не може ништо да се направи, додава тој, иако направивме многу работи, ќе повторам, изминатиот период поразивме неколку мафијашки здруженија коишто за жал функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот којшто следи. Но од сега па натаму, јас само би посакал да сите останеме фокусирани и обединети во решавање на проблемите. Инаку апсолутно ги разбирам сите оние коишто одлучиле својот легитимен гнев, да го изразат преку демократска алатка, а тоа се протести. Но, не можам никако да ги оправдам оние политички глодари и лешинари коишто не сакаат силна Влада од ВМРО, бидејќи е браник и последниот столб, да не дозволи уништување на Македонија како држава“.
Фото: Влада на РСМ