Мире Младеновски, претседател на EUROCLIO, на конференцијата „Борба против антисемитизмот и искуствата од Холокаустот“ која се одржа по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на Холокаустот во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека феноменот на поимот антисемитизам не е нов, но дека сега повторно се појавува и е повоочлив благодарение на новиот начин на комуникација и социјалните мрежи.
Младеновски вели дека образованието има функција на превенција во секоја земја и дека неговиот став е дека не треба да се има толеранција на говорот на омраза, пропагандите и сè што може да го уништи општеството во кое живееме.
Во однос на примерите кои ги посочи и директорот на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикариjо, за тоа дека млади ученици се маскирале како Хитлер за 1 април, Младеновски рече дека наставниците треба да почнат прво од себеси и дека не е сигурен дека, во нашето општество или во регионот, се прави тоа.
Младеновски посочи на еден пример за ученици од Белград, каде половина од учениците во едно одделение биле маскирани како нацисти, а другите како Евреи и дека толку многу се задлабочиле во играта што продолжиле да го играат тоа и по завршување на наставата.
„Образовните системи се многу бавни, не реагираат многу ефективно и не можат да ги препознаат тие ситуации и реагираат откако ќе се случи нешто, по што е многу доцна да се реагира“, додава Младеновски.
„Во Македонија и во регионот, владините институции гледаат на граѓанскиот сектор како конкуренција, а не како партнери, што е тажно, бидејќи заедно можеме да постигнеме повеќе“, вели Младеновски.
Младеновски зборува за тоа дека во Македонија образованието го делиме на два дела и тоа: образование и воспитание.
„Учениците тука не учат, туку само памтат. Тие треба да развијат вештини за животот. Морални вештини, заедничко разбирање, критичко мислење, дијалог итн… Но, за жал, тоа го нема во нашиот систем. Нема никакви промени во системот откако јас бев ученик, па досега“, додава Младеновски.
Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Во наредниот период тимот на ЦИВИЛ Медиа, ќе објави повеќе видео содржини од конференцијата „Борба против антисемитизмот и искуствата од Холокаустот“ како еден мал гест и придонес кон борбата која мора да продолжи, и никогаш да не се заборави!