Здружението на новинарите на Македонија ќе потпише Меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со што ќе отвори можност да се подигне нивото на општествена транспарентност и ќе им се олесни патот на новинарите до информации од државните институции, се вели во сооштението на ЗНМ.
На вчерашната средба, ЗНМ и Комисијата, разговарале како да се оствари блиска соработка меѓу нив со цел да се подобри транспарентноста на јавните институции, но и за да се овозможи побрз и поефикасен пристап на медиумите и граѓаните до информациите од јавен карактер.
Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, истакнал дека заедничката соработка треба да биде од корист за сите.
Првиот човек на Комисијата, Ѓорѓи Сламков, потенцирал дека во процес е носење на нов закон со кој треба да се овозможи подобро и поефикасно функционирање на ова тело, а истовремено ќе се отвори можност за поголема и поинтензивна соработка со повеќе општествени чинители.
Со Меморандумот за соработка, се предвидуваат обуки за новинарите за ефикасно користење на законската можност за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и јавни кампањи кои ќе придонесат институциите да станат потранспарентни.
Б.Ј.