Министерката за образование, Мила Царовска деновиве е актуелна со изјави за учебниците, кои се предмет на манипулации и дезинформации. На 7 октомври, Царовска по конференција за финансиска едукација во средните стручни училишта, пред новинарите рече дека учебниците треба да се користат во дигитална верзија, со мултимедија и квизови кои ги нема во печатената верзија.
„Секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро, затоа што користење дигитални учебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална писменост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње, туку се и места за учење и примање знаење“, вели Царовска во изјавата која ја објавија повеќе портали.
Но дел од нив, во наслови извлекоа друг заклучок. „Родителот кој на своето дете му дава книга, му прави штета, рече Царовска“ вели насловот на порталот mms.mk на Радио Канал 77. Ист наслов за изјавата на Царовска употреби и „Вечер“, како и порталот Весник, а реакција базирана на оваа манипулација со изјавата на Царовска имаше и партијата Родина.
Манипулативниот наслов предизвика и лавина реакции на Фејсбук. Актерот и инфлуенсер познат по навредлива реторика Сашо Тасевски, во ФБ пост напиша:
„Велиш родител кој му дава книга на своето дете му прави штета. Тебе кој ти дал живот направил непроценлива штета, глупачо згрешена.“
Едно во насловот, а сосем друго во содржината. Ова е најчеста форма на манипулација со публиката, затоа што дезинформаторите знаат дека најголем дел од неа воопшто нема да ја прочита содржината, туку само насловот.
Затоа, граѓаните треба да внимаваат кога читаат вознемирувачки наслови што скандализираат. Содржините треба да се читаат до крај, така е далеку поголема веројатноста да се дознае дали тоа што се тврди во насловот е вистина, а медиумите кои често прават вакви трикови – не го заслужуваат вниманието и довербата на публиката, која сака да биде информирана, а не измамена.
Петрит Сарачини