Министерството за надворешни работи соопшти дека согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија.
Во оваа насока, на 14 мај 2021 година, како што велат од МНР, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена.
„Информиран сум, од тоа што го видов, случајот беше документиран од надлежните институции, не стануваше збор за импровизација“, изјави на прашање од Гласот на Америка претседателот Стево Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат.
Претседателот истакна дека рокот од седум дена за дипломатот да ја напушти земјата му бил даден од човечки аспект.
„Се водеше сметка и од човечкиот аспект, не само за дипломатската конвенција, да не биде тоа преку ноќ. Тие луѓе имаат и семејства и идруги интереси и нехумано е да постапуваме на таков начин“, додаде Пендаровски.