ВЕСТ НА ДЕНОТ
Османи со протестна нота за изјавата на Џамбаски, испадот на бугарскиот европратеник го осуди и Фајон
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најави испраќање официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски во која упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски, ги негира македонскиот народ и јазик и изразува отворени територијални претензии.
-Иако се обидувавме да го игнорираме, овојпат ги надмина сите граници на провоцирање.Според сите меѓународни и билатерални договори има основа да се реагира до бугарската држава, бидејќи искажува територијални претензии и навредлив говор, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Тој исто така најави дека ќе го отвори со Софија и прашањето за настапите на претседателот на бугарската историска комисија, Ангел Димитров, како и тоа за отворањето на бугарските клубови со надвредливи имиња.
Словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон ја осуди изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски: „Во слична ситуација би реагирала и јас така“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Немам намера да се вратам во политиката и да им олеснам на неколку луѓе и заради Фондацијата Заев и заради моите општествени активности, јас си го сакам нашиот народ, јас ја сакам државата. Немам намера да се кандидирам за претседател на државата, мирни да бидат спокојни. Дваесет години сум во политиката, ќе ја помогам оваа и секоја идна Влада имам наследство внатре, големи одлуки донесов. Сакам да успее мојот народ, сакам да успее државата. Убаво е да расчистиме. Не зборам само за кога бев политичар за опозицијата тогашна моја и за моите луѓе од СДСМ, и за коалициони партнери и за опозицијата-Заев нема да продолжи. Еве едно важно прашање, темите важни да ги пренесуваме, оваа тема можеби на некој ќе му олесни, ама на луѓето ги интересира живеачката, денеска тоа што се случува“, истакна Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Тања Фајон, вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Република Словенија, која престојува во посета на Република Северна Македонија. На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи и беше истакната посветеноста за натамошно јакнење на партнерството и унапредување на пријателството.
Пендаровски – Фајон: Силна словенечка поддршка за македонските интеграции во Европската Унија
ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ Од осум жртви на трговија со луѓе годинава, седум се малолетни. Генерално, трговијата со луѓе како кривично дело се повеќе се прави преку Интернет, а загрижува и фактот што возрасната граница се намалува и доколку жртвите пред десетина години биле од 16 години нагоре, сега жрвтите се од 10 до 17 години. Криминалците се повеќе ја таргетираат онаа група што најмногу го користи интернетот, а најмалку се информирани за опасносните.
ЕНЕРГИЈА Од војната во Украина, Европа ја научи најважната и скапо платена лекција за неопходноста за енергетска само-одржливост, за диверзификација на изворите за снабдување со енергија и за енергетска независност, рече денеска поранешниот премиер Зоран Заев на предавањето на тема „Енергетската и инфлациската криза“ што денеска се одржа на Универзитетот на југоисточна Европа.
СТРУЈА Според податоците преземени од Диспечерски извештај на АД ЕСМ за 17.10.2022 година, компанијата го зголеми производството, со што обезбеди струја за дел од домашното стопанство.
ЕСМ го зголеми производството, обезбеди струја за дел од домашното стопанство
ИНТЕГРАЦИИ Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон денеска од Скопје со честитки до Владата и македонските граѓани за, како што рече, историски успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руската влада во неделата им забрани на корисниците ширум земјата пристап до украинската веб-страница која ги охрабрува руските воени членови да се предадат, пренесува Бизнис инсајдер.
Од 4 октомври, страницата наречена Хочу Жит добила повеќе од 2.000 барања од припадници на руската војска да ги напуштат своите позиции и доброволно да им се предадат на украинските сили, објави Киев Индипендент на Твитер.
Руските војници се предаваат на северо – исток, југо – исток… и преку интернет
Службениците за спроведување на законот веќе ексхумираа повеќе од 600 тела на цивили на териториите на Харкивската област ослободена од Русите.
Повеќе од 600 тела ексхумирани на територијата на деокупираната Харкивска област
Најмалку 13 лица, меѓу кои три деца, загинаа при уривањето на руски воен авион во градот Јеиск, на брегот на Азовското Море во Краснодарската област во Русија, соопшти руското Министерството за вонредни ситуации.
Во падот на рускиот авион во градот Јеиск загинаа најмалку 13 лица, меѓу кои три деца
СЛОБОДНА ЗОНА
Џабир Дерала во колумната насловена „Вмровска класика“ пишува: Медиумите се преполни со пропаганда „камуфлирана“ во вести. Градат имиџ на објективни и неутрални медиуми (што и да значи тоа), а спроведуваат суптилна и скриена кампања од која, практично, нема одбрана. Се однесуваат како огласна табла, со таа разлика што врз „огласите“ за политичките противници им се покриени со дебели дамки од кои човек посакува да го тргне погледот. Притоа, ја задржале својата политичка „неутралност“.
Војо Маневски во колумната насловена „Обични идеали“ пишува: „Зборовите се немоќни да ја објаснат содржината ако се само на куп некаде во човечкиот мозок, ама ако се стават во некаков ред според намерата на мислителот, тогаш можат да бидат со огромна сила што многу често човек не може да ја контролира“.
Борјан Јовановски во анализата насловена „Мицкоски и неговото жонглирање со вистината за ЕУ“, пишува: „На вчерашниот настап на МТВ, претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, го повтори ставот на оваа партија дека преговарачката рамка на ЕУ формирана, врз основа на таканаречениот „француски договор“, го негира македонскиот идентитет и јазик.
Запрашан од новинарот како го коментира тоа што Советот на министрите на ЕУ го усвои едногласно договорот Фронтекс кој беше потпишан на сите јазици на ЕУ и на македонски јазик, Мицкоски одговори дека во тој договор ќе стои некаква фуснота која го негира македонскиот јазик. За волја на вистината, во тој договор стои следново „потпишано во копии на … (се редат сите официјални јазици на земјите членки по азбучен ред и на …македонски јазик).
Ако јас, како автор на овој текст, знам како изгледа нацртот на овој договор, тешко е да се претпостави дека тоа не го знае лидерот на најголемата опозициска партија кој има редовни контакти со претставници на ЕУ. Во нацртот на тој договор, усвоен од сите министри во Советот на министрите за внатрешни работи, вклучително и оној на Република Бугарија, не стои никаква фуснота.
Д. Муратов












