На армискиот полигон „Криволак“ денеска се реализира Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“ (Immediate response 23), каде припадниците на армиите кои учествуваат во вежбата ќе презентираат комбинирани копнени активности „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.
Во вежбовните активности предвидена е употребата на роботизираното софистицирано возило т.н. „Project Origin“, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое првпат ќе се тестира во вежбовни услови за испалување на противоклопна ракета од типот „Jave-lin“ која е дел од неговото вооружување.
На денот за високи гости присуствуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници, министри, амбасадори од земјите членки и партнери на НАТО, генерали од армијата на САД за Европа и Африка и од НАТО командите, генералите во Армијата, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеи акредитирани во земјава и други гости, пренесува МИА.
Вежбата „Immediate Response 23“ е најголема мултинационална вежба оваа година во земјава на која учествуваат четири НАТО земји и една партнерска земја со вкупно околу 1.850 учесници.
-Заедно ги покажуваме нашите вредности и потенцијали, а тоа е суштината на НАТО преку заеднички акции да се обезбеди индивидуалниот и општиот мир за сите. Република Северна Македонија не е веќе објект на геополитичка сцена, туку субјект кој активно учествува во носење на одлуки на иста маса со светски супер сили, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по изведба на вежбата.
Ова, како што рече Ковачевски, е најдобар демант за тие кои беа против зачленување во НАТО пред три години.
-За Северна Македонија зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните приоритети. Со договорот за ФРОНТЕКС и зачленување во НАТО ги заштитивме нашите идентитетски одредници, нашиот јазик и нашата култура. Нашата држава е посилна и постабилна од кога било, и политички и економски, порача Ковачевски.
Тој испрати порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над, како што рече, нашите политички, идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурна иднина за сите нас и идните генерации.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска нагласи дека брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив, како што порача, мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници.
-Ниту една држава, ниту една Армија не може да бидат врвни доколку не се здружени. Нашето единство во НАТО е нашата сила. Во НАТО чекориме рамо до рамо обединети со прогресивните сили на светот и нашиот партнер САД подготвени да одговориме на заканите без оглед на тоа од каде доаѓаат, рече Петровска.
Придобивките од сојузништвото во НАТО, како што рече, се пред се за граѓаните и нивното чувство на припадност, безбедност и сигурност.
-Солидарноста е клучот на успехот и напредокот особено во тешки времиња. Силата е во различностите, во секоја смисла. Секој успех е заеднички успех, рече Петровска.