Еден месец по завршување на Локалните избори 2021, дел од тимот на ЦИВИЛ го посети ромското маало во Кочани каде што за време на изборниот молк (на 16 октомври, сабота) ден пред гласањето на вториот круг на 17 октомври, имаше провокации, закани и притисоци од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков заедно со екипата на Инфомакс, а подоцна пред полициската станица им се придружи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој им порача на Ромите убаво да го запомнат.
ЦИВИЛ разговараше со Шефи Мустафов, жител на Кочани и член на Партија за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР), која е во коалиција со СДСМ. Тој вели дека пратеникот Лефков и екипата на Инфомакс дојдоа намерно да провоцираат во ромското маало во Кочани, со изговор дека дошле пратеникот да даде изјава, иако е противзаконски да дава изјава за медиумите за време на изборен молк.
„Дојдоа во ромското маало со намера да нè провоцираат, но за среќа ние се воздржавме и не подпаднавме на тие провокации, додека ние активистите на советникот Аки Акиев од ПДПР, стоевме на улица, пред штабот кој беше затворен. Потоа пред полициската станица се сретнавме со опозицискиот лидер Мицкоски кој цело време велеше дека ние се закануваме. Јас само реков дека по изборите, утре треба повторно да пиеме кафе, да останеме другари како и досега бидејќи пратеникот Лефков е избран од народот“, вели Мустафов.
Тој додаде дека со промена на локалната власт, ромската заедница ќе биде запоставена бидејќи околу 90 отсто гласаа за кандидатот за градоначалник на СДСМ.
„Мицкоски директно ни се закани со зборовите ‘запамтете ме убаво, запамтете ми ја фацата’. Ние очекуваме во наредниот период да има одмазди кои веќе и почнаа да се применуваат. Јас повеќе не сум дел од проектот на Швајцарската влада која го имплементира заедно со Јавно Комуналното претпријатие Водовод – Кочани за ажурирање на податоци на веќе постоечки или илегани градби и легализација на водовод, канализација итн… Да победеше СДСМ ќе бев уште дел од тој проект, но победи ВМРО-ДПМНЕ и веќе ми заврши договорот кој важеше до ноември, не ми го продолжија, сега на мое место ќе има некој друг“, вели Мустафов.
Новоизбраниот градоначалник на општина Кочани, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, преку СМС порака кратко ни одговори дека нема време да ни даде изјава, бидејќи од понеделник почна прв ден на работа и дека му треба време да се справи со огромните обврски што го чекаат.
разговорот го водеше: Диана Тахири
текст, камера и монтажа: Дехран Муратов
фотографија: Горан Наумовски