Колекторскиот систем во Охридското Езеро не функционира, и голем дел од отпадните води и непрочистените фекалии се влеваат во езерото и во Црн Дрим.
Како што пишува порталот Охриднет, главната пречистителна станица во Враништа на функционирала веќе осум месеци, и дека според добрите познавачи вон употреба се повеќето пумпни станици во Охрид и Струга.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, изјави дека колектроскиот систем е вон употреба, но дека работат секојдневно со нови пумпи, со реновирање на старите пумпи за да го стават во функција со тоа што ќе го заштитат Охридското езеро.
„Владата за да го преземе колекторскиот систем треба и ние како општини Охрид и Струга да излезeме со конкретно решение. Кој, како и во колкав обем инвестиции се планирани, меѓутоа најбитно од се е на кој начин ќе продолжи стопанисувањето, значи кој ќе управува“, изјави Јован Стојаноски, градоначалник на Охрид.
Според него, се работи за огромна инвестиција, и дека крајното решение е или ревитализација на постојниот колекторски систем или изградба на нов. Тој испрати апел до Владата и ресорните министерства најдоцна до септември да донесат одлука како ќе се решава овој проблем.
Ѓоко Зороски, инжинер за животна средина, изјави дека би се предизвикало еколошка катастрофа, бидејќи сите оние отпадни води би се влевале во езерото и тогаш ќе се потребни најитни мерки за да се стопира тој проток на вода да не оди директно во езерото.