Неколку набљудувачи на ЦИВИЛ од Куманово зборуваат за општата оценка на изборниот процес на Локалните избори 2021, текот на изборниот ден, како и согледувањата во постизборниот период.
Според набљудувачката на ЦИВИЛ од Куманово, Јасмина Тодоровска изборите поминаа релативно мирно без некои поголеми инциденти и нерегуларности, освен тепачката меѓу двајца советници. Најголем проблем беа фингерпринт апаратите со кои ќе се идентификуваа гласачите, избирачките одбори не беа доволно подготвени за денот на гласањето. Таа додава дека во текот на изборната кампања и на денот на гласање имаше агитирање од поединци, особено на социјалните мрежи. Тодоровска истакна дека многу малку се понуди за Куманово, кандидатите за градоначалници повеќе се задржаа на висока политика, отколку да се занимаваат со реалните потреби на кумановчан(к)и.
Набљудувачот на ЦИВИЛ од Куманово, Дениз Мемеди, вели дека кампањата и гласањето помина релативно мирно и во демократска атмосфера. Тој додава дека за време на гласањето имаше мали нерегуларности, односно не се почитуваа доволно Ковид мерките.
„За прв пат во историјата на Куманово, победи независен кандидат против партиски кандидат, бидејќи тука граѓаните повеќе гласаат за партија отколку за личност, но овојпат не беше така“.
Набљудувачот на ЦИВИЛ од Куманово, Бошко Манев, вели дека во Куманово беше релативно мирно и немаше никакви проблеми, освен со фингерпринт апаратите.
„По изборите сè е мирно, сите се задоволни и победниците и губитниците“, вели Манев.
разговорот го водеше: Диана Тахири
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски