Претставници на ЦИВИЛ -Центар за слобода на 10 мај се сретнаа со премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. На средбата, екипата на ЦИВИЛ ги претстави активностите на организацијата што се однесуваат на мултикултурализмот, недискриминацијата и еднаковста по сите основи, како и согледувањата, заклучоците и препораките за стратегијата „Едно општество за сите“.
„ЦИВИЛ е организација во која мултикултурализмот е начин на мислење, делување и лична определба на секој од членовите, и како таква, низ своето постоење континуирано се залага за овие вредности кои се од клучна важност за нашето општество“, посочија претставниците на ЦИВИЛ на средбата со премиерот.
Екипата на ЦИВИЛ во текот на изминатата година врз основа на истражувањата и многубројните средби со високи политички чинители на локално и централно ниво, како и со граѓанките и граѓаните, подготви документ со заклучоци и препораки во однос на спроведувањето на Националната стратегија „Едно Општество за сите“, и истиот документ го достави и на средбата со премиерот Ковачевски.
Заклучоци и препораки на ЦИВИЛ кон спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“
Во текот на 2021 и првото тромесечје на 2022 година, ЦИВИЛ бележи зголемена активност на државните институции во интензивирање на спроведувањето на Националната стратегија „Едно општество за сите“.
Значајни чекори се преземени во низа области, но и голем број од нив доцнеа, како од објективни причини, како што беше здравствената криза со КОВИД-19, така и од субјективни причини. Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот е исклучително важно и посебно се бележи конструктивната улога на Националниот координатор за интеркултурализам при Владата на Република Северна Македонија.
Во оваа насока, ЦИВИЛ ја препознава важноста и улогата на носителите на овие процеси, пред сè, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Националниот координатор за интеркултурализам при Владата на Република Северна Македонија, но и другите надлежни институции.
Препорака на ЦИВИЛ е тие во наредниот период да се фокусираат уште повеќе на доследно и уште подинамично спроведување на Акцискиот план на Стратегијата и креирање на новата Стратегија 2023-2025 година, со посебен акцент на образовните институции.
Кај граѓанското општество, освен неколку организации кои перманентно работат на ова поле, се забележува отсуство на активности поврзани со мултикултурализмот и спроведување на Стратегијата „Едно општество за сите“.
Препорака на ЦИВИЛ до граѓанските организации и особено до неколкуте мрежи кои го адресираат мултикултурализмот е да вложат повеќе напори во генерирање на конкретни активности и настани со кои ќе се промовира концептот и Стратегијата.
Препорака и до медиумите и граѓанските организации и мрежи поврзани со медиумските прашања е да ги постават активностите и содржините на тема мултикултурализам како приоритетни.
Кај медиумите се бележи мал интерес за промовирање на мултикултурализмот, за сметка на зголемен интерес и поголем обем на содржини кои придонесуваат кон поларизација, етнички поделби, па и говор на омразата.
Препорака на ЦИВИЛ до медиумските организации и професионалните редакции да покажат поголем и проактивен ангажман во следење на спроведувањето на Националната стратегија „Едно општество за сите“, како и промовирање на мултикултурализмот во земјата.
Во овој контекст, ЦИВИЛ ја повторува својата препорака до Владата и институциите (1) да преземат мерки за превенција, односно санкционирање на говорот на омраза и ширењето на етничка верска и расна нетрпеливост, кои се кривични дела и (2) да продолжат со добрите практики на креирање позитивен амбиент за развој на мултикултурализмот во земјата.
Врз основа на долгогодишната работа во повеќе области директно и индиректно поврзани со односите меѓу заедниците, почитувањето на човековите права и слободи, како и со безбедноста и стабилноста на државата, ЦИВИЛ констатира дека Стратегијата „Едно општество за сите“ е една од клучните за стабилноста на Република Северна Македонија.
Д. Тахири