Categories

СОБРАНИЕ Надзорна расправа на комисијата за култура

Комисијата за култура утре ќе одржи надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“.

Надзорната расправа ќе се одржи во 11 часот во Собранието. Комисијата за култура поканува сведоци од различни државни органи, научни институции и граѓански организации да учествуваат на расправата и да дадат искази и одговори на членовите на Комисијата.

Министерството за култура на својата веб-страница, вчера, ги објави финалните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општа управна постапка (член 39 став 3 ), и особено по жестоките реакции на јавноста, на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори.

Повторното разгледување на пријавите беше извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци.

Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.

До донесување на новиот закон, Министерството за култура со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ во чиј состав се повеќе невладини здруженија од областа на културата, формираа работна група која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување.

М. И.

Print Friendly, PDF & Email