Истражувачите откриваат дека за време на пандемијата на коронавирусот, иако е забележана намалена економска активност, во атмосферата имало поголемо присуство на метан од кога било, пишува порталот Клима 101. Виновник за таквата состојба се емисиите на тој гас што доаѓаат од нафтените извори инсталирани во морето.
Метанот е составен дел на природниот гас кој се користи како извор на енергија и е еколошки поприфатлив од јагленот. Сепак, метанот може да има огромно влијание врз атмосферата на Земјата.
Според некои современи проценки, тој е почист енергент од јагленот само ако процентот на испуштен гас во однос на искористениот гас е околу три до четири проценти. Со други зборови, ако три до четири проценти од гасот истече во атмосферата при експлоатација.
Доколку тој процент е поголем, гасната индустрија е всушност помалку ефикасна од јагленот, барем кога се мери добиената енергија во однос на влијанието врз климатските промени.
Во списанието IOP Science на 11 август оваа година беше објавено дека истражувачите кои ги испитуваат офшор платформите за експлоатација на нафта и гас во Мексиканскиот Залив откриле досега незабележани, огромни и речиси невидливи облаци од метан што се издигнуваат од голем број нафтени платформи.
Големи концентрации на тој гас се откриени од страна на американската Национална администрација за океани и атмосфера во текот на 2020 и 2021 година, кога биле забележани рекорди.
Мапирањето на емисиите на метан од вселената е отежнато поради фактот што е релативно тешко да се открие од орбитата поради начинот на кој површината на водата делува како „позадина“ во спектроскопијата.
Според истражувањето објавено во списанието IOP Science, решението за откривање на облаците од метан, кои претходно биле помалку видливи, било во сјајот на Сонцето.
Клучен бил истражувачкиот авион на Глобалната воздушна опсерваторија, кој е во сопственост на Државниот универзитет во Аризона.
Во претходните години, истражувачите ја користеле неговата високотехнолошка опрема, која вклучува инфрацрвени спектрометри, за да ги мапираат светските процеси како што е сечата на шумите, сушите и миграциите на животните.
Меѓутоа, минатата година овој авион беше испратен на друга мисија, во Мексиканскиот Залив, во чии релативно плитки води има над 1.800 платформи за експлоатација на нафта и гас.
Глобалната воздушна опсерваторија таму методично леташе од еден до друг нафтен извор и со својот краткометарски спектрометар во сјајот на Сонцето успеа не само да сними облаци од испуштен метан, туку и да ги одреди нивните извори на самите платформи.
Глобалната воздушна опсерваторија откри многу поголеми истекувања отколку што известуваат нафтените компании.
Според истражувањето во IOP Science, од 40 платформи кои авионот ги посетил најмалку три пати во текот на 2021 година, на 34 барем еднаш забележал вистински облак од испуштен гас.
Споредувајќи ги емитуваните концентрации со просечното производство на нафтени платформи во Мексиканскиот Залив, истражувачите процениле дека во просек меѓу 23 и 66 отсто од експлоатираниот гас се испушта во атмосферата, во зависност од времето на мерење и локацијата.
Бројките се меѓу седум и 22 пати повисоки од највисоката претходно пријавена стапка на истекување (три проценти).
Познато е дека офшор платформите се потенцијално големи емитери на метан, моќен гас со ефект на стаклена градина. Индустријата за фосилни горива произведува една третина од вкупните емисии на метан, кои доаѓаат од човечки активности.
Емисиите може да се појават на секој чекор од експлоатацијата, бидејќи метанот е главната состојка на природниот гас, тој може да „истекува“ од пукнатините на самиот извор, од цевките, вентилите, резервоарите.
Исто така, се потсетува дека природен извор на метан се и мочуриштата.
М.Д.