Првата награда од третиот конкурс за краток расказ „Бибер“ е доделена на Моника Херцег од Петриња, Хрватска, за расказот насловен „Глава“. Втората награда ја доби Анте Сториќ од Шибеник за расказот „Лето“ , а третата награда на Тамара Ковачевиќ од Љубљана за расказот „Со мачета ќе ме, со мачета ќе те“.
Одлуката ја донесе жирито составено од Румена Бужаровска, писателка од Скопје, Шкељзен Малиќи, писател од Приштина и Лејла Каламујиќ, писателка од Сараево, кои имаа за задача да прочитаат 121 предеселктиран расказ.
„Жири комисијата би сакала да истакне дека наградените раскази се одликуваат со ефективна наративна структура, стилска софистицираност и јазична прецизност. Тие се длабоко емотивни, а зададената тема ја обработуваат со висок степен на разбирање и емпатија, при што имаат и критички пристап“, се вели во соопштението.
Покрај наградените три раскази, во антологијата Бибер 03 ќе се најдат и следните авторки и автори: Абид Јариќ, Аида Шечиќ Незировиќ, Анета Петрушевска, Африм Демири, Беса Калаја, Бојан Тодоровиќ, Бојана Бабиќ, Габријел Делиќ, Гордана Стојаноска, Димитрије Буквиќ, Драгана Ранѓеловиќ, Ернад Осмиќ, Имер Топаница, Исидора Петровиќ, Луиза Бухарова, Мања Величковска, Марио Мерџан, Милана Гајовиќ, Никола Петровиќ, Слаѓана Нина Перковиќ, Стефан Славковиќ и Тихана Гамбиража.
Конкурсот „Бибер“ беше отворен од јануари до јуни оваа година и до истиот биле пристигнати вкупно 464 раскази. Темата на конкурсот беа сите раскази поврзани со помирувањето во контекст на наследството од војните и насилствoтo во земјите од поранешна Југославија, раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази кои се бават со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство кон другите, храбри раскази кои се осмелуваат да одат во „непријателски“ чевли, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат патишта за да градиме посигурна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Повеќејазичната збирка раскази ќе биде објавена до март 2020 година.
А. П.