Кон реакциите за скандалозната распределба на средства за проекти од областа на културата, се придружи и проф. Мирјана Најчевска која на социјалните мрежи коментираше:
По силните реакции за начинот на распределба на средствата на Министерството за култура кои ги гледам по социјалните мрежи и во медиумите, стекнувам впечаток дека станува збор за едно големо недоразбирање.
Да се бориш со дискриминација не значи балансирање на дискриминацијата, туку спречување на дискриминацијата.
Изгледа дека во моментот на етничкото делење на колачот партиите се договараат секој да си дискриминира колку што сака во министерството кое си го добил и на тој начин ќе се избалансираат работите и сите ќе бидат еднакви во неправото.
Во конкретниов случај, во целата еуфорија на разлетани пеперутки (пардон, орли) министерот за култура изгледа заборавил дека е министер во дадената област за сите граѓани, а не Зоро осветник на Албанците.
Во случајов не гледам разлика од оние тетките, пардон, наставничките кои излегле да протестираат затоа што е поставен директор Албанец.
Многу лесно е министрите да изумат дека министерствата не им се чекмежиња наследени од татко им или сандачиња со пари украдени од некого. Сѐ нешто забораваат дека станува збор за парите на сите граѓани кои треба да бидат потрошени во полза на сите граѓани.
Владата мора да биде составена од министри кои работат во полза на сите граѓани во спротивно, нема никаква разлика од владата на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ.
И дај бре, оставете ја етничката припадност дома и почнете да размислувате како индивидуи, а не како репрезенти на стадо.