Додека очите на светот се свртени кон Израел и Иран, Русија повторно ја напаѓа Украина, мислејќи дека никој нема да забележи. додека убиваат цивили во тишина.
Утрово, Кијив се разбуди од експлозии – Уште еден брутален напад со беспилотни летала и ракети.
Четиринаесет лица загинаа во Кијив како резултат на руски комбиниран напад со ракети и беспилотни летала, додека 40 се повредени, соопшти началникот на општинската воена администрација, Тимур Ткаченко, пренесува Укринформ.
„Приближно, 14 лица загинаа во Кијив. Извештаите сè уште се проверуваат“, истакна тој.
Началникот на администрацијата рече дека Кијив поминал низ уште една „тешка ноќ“.
„Уште еден напад, повеќе повредени луѓе, уништени куќи, човечка болка и вознемиреност. Потрагата по преживеани под урнатините е во тек. Сега сум на местото на еден од нападите. Спасувачи, медицински лица, полиција, волонтери. Сите дејствуваат што е можно покоординирано за да помогнат и спасат погодените“, прецизираше тој.
Главниот град беше под комбиниран напад од руски беспилотни летала и балистички ракети од вечерта на 16 јуни и во текот на ноќта на 17 јуни. Градоначалникот Виталиј Кличко објави дека се повредени 55 лица.
Претседателот Володимир Зеленски го нарече нападот „еден од најстрашните напади врз Кијив“, велејќи дека повеќе од 440 беспилотни летала и 32 ракети биле лансирани низ Украина преку ноќ.
„Ваквите напади се чист тероризам“, истакна тој во објава на социјалните медиуми. „И целиот свет, САД и Европа конечно мора да одговорат како што цивилизираните општества реагираат на терористите“.
Зеленски потврди дека е пријавена штета во осум области на Кијив, а работниците за итни случаи сè уште бараат преживеани под урнатините на уништен станбен блок.
Д. Мишев