Две недели пред почетокот на глобалната Минхенска безбедносна конференција своето учество веќе го потврдија околу 40 претседатели на држави и влади, 90 министри и неколку шефови на меѓународни организации.
Меѓу нив се францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, соопшти раководството на конференцијата.
Се уште не е познато дали, како и минатата година, ќе учествуваат германскиот канцелар Олаф Шолц и американската потпретседателка Камала Харис.
Најважниот светски собир на експертите за безбедносна политика ќе се одржи од 17 до 19 февруари во хотелот „Бајеришер Хоф“.
Тоа е прва безбедносна конференција од почетокот на руската војна против Украина. Се очекува во Минхен да пристигнат шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба и министерот за одбрана Олексеј Резников.
Руски претставници годинава не се поканети.
Нема знаци на попуштање од руската Влада. Би било срамно да им се понуди на тие воени злосторници во Кремљ, сцена за нивната пропаганда на безбедносната конференција во Минхен, изјави за ДПА претседавачот на конференцијата Кристоф Хојсген.
Но, во Минхен се очекува да пристигнат истакнати руски опозициски политичари, меѓу кои и поранешниот олигарх Михаил Ходорковски, поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров, новинарот и добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов, како и Јулија Навалнаја, сопруга на затворениот опозициски активист Алексеј Навални.