Фудбалерите на ФК „Пелистер“ во пролетниот дел од сезоната домашните натпревари наместо на стадионот „Под Тумбе кафе“ во Битола, ќе ги играат во соседните градови. Причина за тоа се нереновираните соблекувални, поради кои не се исполнети условите во Битола да се организираат прволигашки фудбалски натпревари.
Како што се вели во соопштението за медиумите, напорите во изминатите два месеца и апелите до Општина Битола, навреме да ги реновира соблекувалните во рамките на стадионот „Под Тумбе кафе“ не вродија со плод.
ЦИВИЛ Медиа, разговараше со советничката од ВМРО-НП, Габриела Илиевска, која во изминатиот период постојано потсетуваше на проблемите со овој стадион.
„Владимир Талески во 2013-та година, изборите ги доби со ветувањето кое го даде во декември 2012-та година, дека ќе изгради нов стадион во Битола и дека ‘Битола ќе биде најспортски град’. Место да ги исполни овие ветувања, тој дозволи фудбалерите да се принудени поради лошата состојба во која се наоѓаат соблекувалните, да играат во други градови“, вели Илиевска.
Најголем проблем, според неа, е редефинирањето на програмата со која беше предвидена реконструкција на стадионот „Под Тумбе кафе“.
„Програмата за реконструкција на стадионот ‘Под Тумбе кафе’, пред година ипол, на седницата на Комисија за комунални дејности, се преименува во Програма за реконструкција на спортски објекти. Претходно, стадионот беше посебна програма и тоа се промени со цел да се разводни проблемот. Талески ги доби изборите со ветување за нов стадион, а од целосната реконструкција – тој сега ветува дека ќе направи една трибина. Имаше помош со ФФМ, која имаше обврска да ја ревитализираат тревата и тоа го завршија. Тоа што е обврска на Општината не се заврши“, објаснува Илиевска, која потсети на ветувањата на Талески за изградба на градски стадион.
Ветувањата на градоначалникот Талески – „Изградба на спортско-рекреативен центар на Тумбе кафе“ и „Реновирање на градскиот стадион Тумбе Кафе по европски стандарди“, датираат уште од неговата предизборна програма за мандатот 2009-2013 година. Пред истекот на неговиот трет мандат, односно, по 12 години од неговото владеење со градот, битолските спортисти и битолчани, сé уште немаат можност да играат и да гледаат натпревари на реконструиран стадион.
М. Теговска