Освен со формалните честитки за Рамазан Бајрам со партиски призвук, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го користат денот за меѓусебно докажување, напад и одбрана на националните, државните и другите интереси на Македонија.
И додека ВМРО-ДПМНЕ најавува протест во Битола во недела, 17 јуни, со почеток во 13 часот, со познатата реторика според која Зоран Заев е виновен за, според нив, неуставна продажба на името, СДСМ уште еднаш потврдува дека Договорот го гарантира и го зајакнува македонскиот идентитет, односно македонски јазик, Македонци, македонски, Македонец, Македонка, се обезбедени еднаш засекогаш.
Договорот е на увид на јавноста, сама да пресуди за позитивните и негативните придобивки од решавање на долгогодишниот спор за името со Грција.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ нема да сопре со нападите кон Заев, ниту пак СДСМ ќе им остане должна со одговори на истите. Очекувањата се името да се решава на референдум, а до тогаш се очекува да се обезбедат и услови за негово спроведување. Остануваат отворени прашањата за тоа како привремено ќе се решава проблемот со Државната изборна комисија, како надлежна институција, но и проблемите со Избирачкиот список и низа други предизвици на кои ЦИВИЛ предупредува подолго време.
До тогаш, ВМРО-ДПМНЕ, ќе го напаѓа Заев, како во денешното соопштение, дека е „човек кој ниту има достоинство ниту стои на својот збор… ги манипулира граѓаните… лаже… нема срам…“.
СДСМ, кратко и јасно, ќе продолжи да ја поучува опозицијата да излезе од изолацијата и деструктивноста и да го поддржи договорот што решава 25 годишен спор, со кој само се зајакнува македонскиот идентитет.
„Членството во ЕУ и НАТО се врвен државен и национален интерес и затоа, ако се води од овие интереси ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи Договорот со кој се отвора европската перспектива на Македонија и да каже ДА за македонската иднина“, е денешниот одговор на СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Б. Јордановска