МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Во инвазијата на Путин врз Украина на една страна е Путин и неговиот режим, а на друга страна е демократскиот свет. Не Русија наспроти другите, туку Путин како апсолутен владетел кој решил да освојува.
Сведувањето на конфликтот на односи меѓу Русија и САД е само уште еден вид на пропаганда со која треба да се направи дефокусирање од вистинскиот судир.
Ама еве да ги видиме Русија и САД. Не историски, туку во овој актуелен момент. Сега, денес.
Меѓу Русија и САД денес има многу сличности.
Прво и основно, САД и Русија се две воено најмоќни држави на светот (според рангирањето на воената моќ за 2022 година, направено врз основа на анализа на 50 индикатори):
Толкава воена моќ не се гради само за одбрана. Таа вообичаено значи и намера за освојување.
Двете држави се империјалистички.
И двете држави денес водат војни и/или поддржуваат воени судири со кои ги обезбедуваат сопствените интереси (економски, политички, идеолошки…).
И двете држави се исклучително значајни во градењето и рушењето на светскиот мир, поредок, меѓународни односи…
И двете држави имаат огромно влијание врз вредносните системи во голем број држави, врз културата, развојот, науката…
И меѓу Русија и САД има една суштинска разлика.
Едната држава е демократска, а другата не е.
На една страна е држава во која има релативно слободни и демократски избори, а на другата – држава во која еден човек опкружен со мало друштво ја узурпира власта и оневозможува било каква шанса за избор.
На една страна е држава во која правата и слободите се гарантираат со устав и закони, а на друга зависат од моменталната волја на апсолутниот и неприкосновен властодржец.
На една страна е држава во која луѓето можат во голема мера да кажат што мислат, да добиваат и споделуваат информации, да се здружуваат, да демонстрираат, да се спротивставуваат на одлуките на власта. На другата страна е држава во која постои отворена забрана на сите овие права и слободи.
На една страна е држава во која има релативно независно судство, а на другата има судство кое е апсолутно зависно од волјата на властодржецот.
На една страна има контролни механизми на тој кој е во моментот на власт, а на другата никој не може и не смее да го контролира тој кој е на власт.
На една страна и највисоките функционери може да бидат и се изнесуваат пред судовите, на друга е држава во која е забрането водачот да биде суден и осуден за било кое криминално дејствие.
Има разлика.