Оваа година 20 јуни – Светскиот ден на бегалците го одбележуваме под мотото „Секогаш и секаде, секој има право да се чувствува безбеден“. За жал, милиони луѓе во светот во моментов не се чувствуваат безбедни и стравуваат за своите и за животите на најблиските поради воените дејствија кои се одвиваат на териториите на нивните држави, вели народниот правобранител Насер Зибери во соопштението по повод Светскиот ден на бегалците.
– Предизвикот што оваа година го донесе, е дотолку поголем и заради глобалната економска криза во светот што се јави како последица на двегодишното затворање на границите и сменетиот начин на живеење заради пандемијата на вирусот Ковид-19, но и енормно поскапените цени на прехранбените ресурси, како и нафтата и гасот, истакна Зибери.
Тој додава дека сите овие случувања ги зголемија мигрантските движења, бегалски и хуманитарни кризи, како и страдањата што ги носат истите, а од нив ниедна земја во светот не е поштедена.
– Токму во овие тешки и кризни премрежја од несогледливи размери, хуманоста и човечноста кон оние на кои тоа им е најпотребно треба да надвладее. Во оваа смисла како Институција која континуирано го следи постапувањето кон бегалците, ги повикуваме сите надлежни чинители безусловно да ги почитуваат човековите права и меѓународни стандарди, имајќи го предвид достоинството на овие лица и на тој начин покажувајќи ја својата хуманост и солидарност на дело, апелираше народниот правобранител.