ПЕТРИТ САРАЧИНИ
„Според образложението од пресудата, пчеларот Лазе Грозданов од село Долно Коњско, Охрид е прогласен за виновен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ оти го управувал своето возило во кое имал натоварено пчели. Во образложението стои дека сандаците не биле добро затворени, па од нив излегле рој пчели и го нападнале оштетениот Васко Паскали, кој бил со неговата сопруга и малолетно дете“.
„Паскали со телото го заштитил малото бебе и со трчање се упатил кон неговиот дом. Во моментот на бегање пчелите го касале во пределот на вратот, главата и лицето, по што бил искасан и отечен. Чувствувал тешко дишење и се упатил во охридската Општа болница каде бил сместен на Интерното одделение. Од претрпениот страв и ден денес чувствувал страв од пчели. Судот смета дека од каснувањето на пчелите тужителот се здобил со алергиска реакција и доживеал страв како за себе така и за неговото дете и сопруга“, пишува во текстот на СДК.мк, кој предизвика лавина реакции, очигледно, од луѓе што го прочитале само насловот, а не и текстот.
Потоа, истиот се користеше за разни манипулации, ловења кликови и лајкови од разни портали, јавни личности, политичари, и секако, за големи мисли од малите мозоци на разно-разни инфлуенсер(к)и.
А само замислете се себе, вашето семејство и вашето дете во таква ситуација. Или, да бевме во некоја нормална земја, каде оштетата, а богами и казната, би биле веројатно неколкукратно поголеми.
Затоа, би било добро луѓето да не бидат како глупави сомови што се фаќаат на јадиците на медиумските профитери, да ги читаат текстовите во целост, и да не се палат како млади мајмуни на наслови и манипулатори кои монетизираат од нивната лековерност и површност.
Не дека ќе ме послушате, ама моја должност кон себе пред сè е да ви кажам, да не биде не било кажано, „полетарци“ мои, најумни на свет!