Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази загриженост од одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави во специјална готовност силите за одвраќање на земјата, јави ДПА.
Во интервју за Би-Би-Си денеска Столтенберг кажа дека објавата на рускиот претседател покажува колку е „сериозен“ застојот околу руската инвазија на Украина.
Путин ја даде наредбата денеска во видео што го дистрибуираше Кремљ. Во него тој се осврна на „оружје за одвраќање“, но не го наведе експлицитно нуклеарното оружје.
Со првична реакција се јави и американската амбасадорка во Обединетите нациии, Линда Томас-Гринфилд, која оцени дека „ова значи дека претседателот Путин продолжува да ја ескалира војната, на начин што е целосно неприфатлив“, пренесоа британските медиуми.
-Тоа значи дека мораме да продолжиме да ги запираме неговите постапки на најсилен можен начин, рече Томас-Гринфилд во интервју за Си-Би-Ес.
Путин претходно денеска им нареди на министерот за одбрана Сергеј Шојги и на началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, да ги стават руските сили за одвраќање во состојба на специјална борбена готовност.