Извршниот директор на ФК Вардар, Миленко Неделковски, со експлицитен и навредлив говор се нафрли врз Зана Џаферовска од Форум на жени на СДСМ. Причината е што таа, во име на партијата, побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и разрешување на целото СВР Велес, поради трагедијата во Велес во која беше убиена една девојка и нејзиниот татко, а убиецот потоа се самоуби.
Неделковски, бранејќи го Тошковски, ѝ се обрати на Џаферовска со навреди и сексистички коментари:
Зана, цел народ сака СДСКомуњарска да се укине, па вие уште живуркате. Значи, ако сакате да го смените Панче, повелете организирајте се, побарајте народна подршка, победете на избори па сменете ги и Панче и Христијан, сменете го и Тимчо, и Николовски, и Коце Жута Чизма… А до тогаш чичко Миленко ти порачува дека песната на Зана (Нимани) “Додирни ми колена”, за тебе Зана (Џаферовска) е преименувана во “Попуши ми изнад колена”, пишува Неделковски.
По ваквиот настап, СДСМ побара итно разрешување на Неделковски од функцијата извршен директор на ФК Вардар, како и реакција од ФФМ, сите клубови и спортските институции:
„Во време кога Македонија е потресена од грозоморни случаи на фемицид, Миленко Неделковски јавно изнесува навреди кон жени. Ваквото однесување мора да биде најстрого санкционирано. Најтрофејниот македонски клуб не смее да има вакви личности во своите редови“, соопштија од СДСМ.
По реакцијата на СДСМ, повторно Миленко Неделковски повтори дека прво треба СДСМ да победи на избори па да бара санкции. Тој во еден од неговите статуси на социјалните мрежи ја сподели објавата на Даниела Колева од СДСМ, при што пишува: „Барам каде плавушава напишала нешто за женотепачот Фрчко – не најдов!!! А инаку, баш ми се свиѓа што пуританкава има перверзна сексуална машта“.
Од СДСМ нагласуваат дека молкот на ВМРО-ДПМНЕ е соучесништво и дека е време за јасна и недвосмислена осуда на говорот на омраза и сексизмот.