пишува: ХРИСТИНА СЕРАФИМОВСКА
Кога сме кај Советите на општините, нивните должности и избраниците на граѓаните да почнеме со Законот за локална самоуправа. Според овој Закон Советот е дефиниран како еден од основните органи на општината, кој според член 32 став 1 е „претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.“, додека на членовите на советот (советниците) член 35 став 2 им го дава правото да „ги претставуваат граѓаните и во советот да одлучуваат по свое уверување.“
Главниот проблем овде е содржан во формулацијата „одлучува/одлучува по свое уверување“. Или ако сакаме да бидеме попрецизни, советниците одлучуваат, но по чие уверување е прашање. Веројатно ова не предизвикува некое изненадување и вознемирување кај читателите, бидејќи е општо позната вистина која досега не се променила веројатно затоа што била „прифатлива“ за најголем дел од учесниците во процесот и граѓанската публика. Одлучувањето како такво, ако се земат предвид трите опциите што им стојат на располагање на советниците до извесен степен може да биде и разбирливо. Воопшто не е чудно повеќето да се препознаат во една од тие опции, но проблемите се појавуваат кога најчесто (ако не и секогаш) процесот на гласање се сведува на шаблонизирано изјаснување, кое своите корени ги држи длабоко во партиските табори без притоа да се земат предвид аргументите. Или како што таткото на познатото дело „Јавно мислење”, големиот Волтер Липман умееше прецизно да посочи „Кога сите мислат исто, значи никој не мисли доволно“. Токму ова е најзагадочниот момент, бидејќи игнорирањето на аргументите доведува до гушење на дебатата. А зошто постојат советите ако не за дебата?
Дигнитетот на институцијата Совет се почесто се доведува во прашање, но овој пат не од околината, не од било кои оштествени чинители, туку токму од самите народни избраници, односно од политичките партии кои најчесто се на власт. Она што предизвикува ерозија на институцијата (воопшто на сите институции од ваков тип), освен формалното носење на одлуки заради одлуки е и индиферентноста по одредени прашања, недостаток на иницијативи и немање слух за креативните предлози од спротивниот табор. Пасивното присуство, немањето на желба да се остави личен печат врз работите, и ниското ниво на сопствен интегритет на советниците се само едни од причините на горенаведените негативни појави. Она што мораме да го разбудиме како чувство во нас е клучната поента дека ние треба да го движиме системот, а не тој нас…
Одлуките кои се носат на Совет не смеат да се заобиколуваат, тие треба да бидат прифатени и почитувани до крај, иако понекогаш не се според очекувања на сите засегнати страни. Еднаш искажаната волја на мнозинството по одредено прашање не смее да се проверува и искушува во зависност од промената на неговата големина во некоја наредна прилика. Исто така, неприфатливо е да се разгледуваат предмети анахроно, кога веќе законските рокови истекле, но заради техничко пополнување на процедурите да се користи гласот повторно на мнозинството, кое ако не владејачкото. Факт е дека во овие случаи целта ги оправдува средствата, но цената останува на контото на дигнитетот на институцијата која сме ја довеле во ситуација да биде небитна, а се што е небитно еден ден може да биде прогласено и за одвишно. Извесно е дека мора да се вложува во повисока сериозност и зголемена одговорност. Концептот на бројка заради бројка и третирањето на советниците како предмети – креатори на евентуално мнозинство е истрошен концепт кој мора да биде надминат.
Кога станува збор за седниците, размената на мислења и носењето одлуки најголемиот дел од товарот, иницијативата за поттикнување дискусии, потребата да се критикува и да се трага по подобри решенија некако природно и припаѓа на опозицијата. Ние како советничка група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата безрезервно даваме поддршка на проекти за кои сме сигурни дека носат само бенефит на граѓаните, иако на крај плодовите од сработеното одат на сметка на актуелниот градоначалник. Што се однесува до општата атмосфера, од досегашното искуство можам да кажам дека на моменти се има доблест да се признае издржаноста на одредени предлози, или да се согласиме со критики кои се основани, аргументирани и соодветно образложени од спротивната страна. Сепак, како недостаток може да се смета фактот што ваквите моменти се почести во фазата на дискусии и се на едно декларативно ниво, додека носењето на Одлуки останува процес кој сеуште е заробен во стегите на едно пошироко општествено расположение. За жал, во непопуларната пракса од овој тип која е евидентна во нашата држава, морам да потенцирам дека своја улога имаат и граѓаните, нивната перцепција и очекувања кои не сакајќи, можеби и несвесно, го имаат прифатено ова шаблонизирано функционирање на целокупниот општествен систем и со доза на недоверба ги примаат евентуалните отстапувања. Состојбата до која се доведовме како држава е неприфатлива и цената за излез од истата мора да се плати, затоа јас го поздравувам секој обид за промена на постоечката распространета пракса на сувопарно и партизирано функционирање на институциите, воопшто.
Овде може да се отвори и прашањето за транспарентноста на Советите. Колку граѓаните се тековно запознаени со работата на оваа институција, дали истата е медиумски покриена и колкава е редовноста, но и активноста на секој советник поединечно. Дали граѓаните се во состојба да го препознаат и издвојат оној кој не ја изневерил нивната доверба и активно ги застапувал нивните интереси, за разлика од некој друг кој на никаков начин не допринел за квалитетот и работата на институцијата Совет. Транспарентноста е директно поврзана со едно друго деновиве многу актуелно прашање, најавата за отворени преференцијални листи. Сметам дека ваквиот модел доколку им се сервира на граѓаните преку ноќ не би ја дал додадената вредност на која се смета. Истиот можеби може да има потенцијал за поместување на состојбите кон подобро само ако претходно следуваат потребните подготовки на теренот во смисла на поголема транспарентност и можност за запознавање со ентитетите кои ќе бидат предмет на избор. Треба во целост да се обезбеди избегнување на сензационалистичка димензија на процесот, во која партиите ќе бидат приморани да се натпреваруваат со звучни имиња докажани во некои други професии, кои можат, но не гарантираат дека ќе бидат исто толку успешни при извршувањето на политичката функција. Не смеат граѓаните да се доведат во состојба да избираат помеѓу непознато и помалку познато, а да се товарат со целосна одговорност за изборот. Зошто? Затоа што досегашниот модел претпоставуваше колективна одговорност на понудата (најчесто се гласаше за партија) и одговорноста за изборот се движеше во тие рамки. Со новиот модел изборот е поперсонализиран, поблиску поврзан за личноста која се избира. Граѓанинот има поместување во одговорноста од обичен избирач кон креатор на идниот состав, бидејќи со изборот кој го прави всушност дава преференција само на еден дел од понудените личности во однос на останатите. Одлуката за изборот треба да биде свесна, намерна и да и претходи целосна информираност.
И на крај од моево размислување некако сами од себе ми навираат зборовите на мудриот Руми, безвременски и се уште еднакво актуелни, кои велат:
„Доволно е да одиме право
Кон она и оној од кого сме привлечени
Не. Нема крив или правичен во ова,
Иако истрајуваме во осудувањето на дејствата и нивните извори,
Лошо, лошо, добро, лошо, добро
Размисли за мравката што сака да лета. Прекрасно.
Таа копа кај ѕидот од палатата. Тврди дека е Соломон.
Бара круна. Вакви сме, а не поинакви.
Не сме она што сме го сакале.
А сепак, некако копнежите не се одвоени од нас.
Ќе го одврзеш ли овој јазол?“
Д-р Христина Серафимовска е советничка во Советот на Општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторката.