пишува: ПЕРО АРСОВСКИ
Со татко ми партизан, воено лице бевме кираџии во една чорбаџиска куќа каде бевме прифатени како добредојдени. Врати отворени, кафе, шеќер, сол брашно, зејтин, јајца. Ние децата спиевме и кај нив како дома. Мајка ми не оставаше кај баба Тодорка без да праша, за да појде во 5 сабајле по млеко, кајзарки и жолто американско сирење во школо. Ние децата игравме џандар-лопов, каубојци-Индијанци, партизани- Германци, заедно.
Никој не одбегнуваше да биде и лопов и Индијанец или Германец, се бореше до крај со сета сила. На крај се гушкаа со победниците (секогаш партизаните, каубојците и полицајците). Врвеа дворовите од деца. И улиците, тротоарите, школските прашниви игралишта. Едвај чекавме да се раздени, да се измиеме, појадеме и надвор со другарите. А имаше и Роми и Албанци и Турци и Срби, Македонци… имаше и полицајски, воени, учителски, берберски деца.
Имаше и чорбаџиски и сиромашни… но никогаш, никогаш не сум чул ни од моите родители, од газдите, сиромасите, бакалите и дуќанџиите: немој со тој Бугарин, шиптар, буржуј, комуњар или голтар. Не знам зошто го пишувам ова, но бескрајно сум им благодарен на нашите родители, чичковци и тетки, стрини, слаткари и библиотекари, учители и професори… за љубовта и почитувањето кон секој и сите, колку и да сме различни.
Тоа е најголемото богатство што можеле да ни го остават во наследство. Нема поголемо богатство, чувство на безбедност, сила, среќа од чувството на блискост и заедништво со сите околу нас колку и да сме различни. Сега, во ова поодминато мое доба, денови на резиме, сметка, спомени, тоа е времето што го паметам како среќно, и патувањата. Средби со непознати предели, нови и различни народи и луѓе, книги, претстави, филмови. Тоа е моето богатство и наследство за моите деца, внука и сите млади.
Оваа содржина е дел од Иницијативата „Обединети во различноста“ посветена на промовирање на различностите како предност, богатство и квалитет на нашето општество. Иницијативата ја води ЦИВИЛ, со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Наодите, мислењата и другите онлајн содржини објавени од страна на ЦИВИЛ, односно Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, не мора да значи дека ги одразуваат оние на донаторите или спонзорите на ЦИВИЛ и на медиумската платформа на организацијата.