Способни за сѐ, само за правда не. И договор со Грција и Бугарија се постигна, и Рамковен договор, и уставни измени се случија, и Груевски и началниците папсаа и паднаа, дури и економијата ќе мрдне напред, море и планини ќе поместиме ако треба… Но, постојано нашето општество потфрла во едно. Во спроведување на правото, еднакво за сите граѓани.
Случајот со пресудата за убиецот на Алмир е последниот во една долга низа примери за тоа како (не) функционира нашиот правосуден систем. А несоодветното спроведување на правото може да се искористи и се искористува за отворање на нашите стари, а богами и нови рани и поделби, по етничка, верска, политичка линија.
Сѐ додека граѓаните не почувствуваат дека функционира судството и дека има правда и одговорност, ќе останеме тука каде што сме три децении. Три напред – три назад, па стоење и тапкање во место, ако имаме среќа и не потонеме во уште повеќе насилство, кое со неказнивоста се охрабрува сѐ повеќе, секој ден.
Притисокот за повеќе правда треба да расте, но и да се фокусира. Власта и политиката секако дека постојано треба да се предупредуваат да стојат настрана од судството, но и судиите треба да се соочат со далеку повеќе притисок, поради резултатите кои се од година во година полоши и поочајни. Мора да им се помогне на луѓето со интегритет во правосудството да ја добијат битката со нечесните, корумпираните, инструментализираните, криминализираните меѓу нив, кои ја продуцираат оваа општа и многу негативна перцепција за судството меѓу сите граѓани.
Треба да разбереме, од ова прашање зависат многу други – и правна сигурност, и безбедноста во земјата, и меѓуетничките односи, и инвестиции, и евроинтеграции. Ако нема правда, нема ни мир, ни напред.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.