СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ
Во историјата има моменти кога науката оди пред човечката свест. Кога откритијата се случуваат, а нивните последици сè уште не се разбрани. Таков беше примерот со Марија Склодовска Кири – жена која го отвори светот на радиоактивноста, откривајќи ги елементите радиум и полониум. Тоа што го откри не беше целосно сфатливо за многумина тогаш. Не беше јасно колку длабоки ќе бидат последиците.
Во вистински раце, нејзините откритија донесоа надеж – лекување со зрачење, борба против рак, нови методи во медицината. Но, во погрешни раце, истата енергија се претвори во оружје. Истата сила што спасува животи, може да ги уништи.
Понекогаш, човештвото оди побрзо отколку што неговото срце може да разбере. Понекогаш, откриваме сили… а дури подоцна сфаќаме што сме ослободиле.
Таква беше приказната на Марија Склодовска Кири – жена која не само што ја отвори вратата на науката, туку ја отвори и вратата кон нешто што светот тогаш не можеше целосно да го сфати. Радиумот и полониумот не беа само елементи. Тие беа почеток на една нова ера – ера на светлина… но и на сенка.
Таа не беше само научник – таа беше добитничка на две Нобелови награди, а нејзината ќерка исто така ја продолжи таа научна мисија и стана нобеловец. Тоа беше семејство кое го посвети својот живот на науката, на напредокот, на човештвото.
Нивната визија беше јасна – науката да служи за живот. Да помогне во болниците.
Да лекува. Да донесе надеж таму каде што има болка.
Но историјата повторно покажа колку лесно човештвото ја губи насоката.
Во вистински раце, нивните откритија донесоа живот. Лекување. Надеж. Борба против болести.
Во погрешни раце – истата таа наука беше преземена од воената индустрија.
Се претвори во алатка за создавање оружје за масовно уништување.
Истата енергија што спасува – почна да уништува.
И денес, наместо да учиме од историјата, сведоци сме на стагнација во договорите за намалување на нуклеарното вооружување. Наместо разоружување – повторно гледаме трка.
Трка за моќ. Трка за доминација. Трка што нè враќа назад – во време на страв, поделби и нехуманост.
Истата приказна. Истите грешки. Истата дилема пред човештвото: дали науката ќе служи за живот…или за уништување. Мирот не беше сфатен. А уште помалку опасностите од војната.
Во август 1945 година, светот се соочил со трагедија без преседан. Над Хирошима е фрлена првата атомска бомба, а три дена подоцна и над Нагасаки. Авионот што ја фрлил бомбата над Хирошима имал само 43 секунди да се оддалечи од епицентарот за да избегне уништување. 43 секунди – доволни за еден авион, но недоволни за стотици илјади луѓе.
Размислувањето на употреба на нуклеарното оружје денес нема да не врати само 43 секунди туку најмалку ќе не врати 43 години назад – кога човештвото чекорело на работ на темнина од која нема напредок, само страдање.
Четириесет и три години наназад во историјата не носат во 1983 година. Јас тогаш сум имал една година. Таа година истражувајќи во историјата дознавам дека била една од најризичните во нуклеарната историја. Во текот на таа година се случиле повеќе опасни настани: Soviet Nuclear False Alarm Incident – советските системи погрешно сигнализираа американски нуклеарен напад. Able Archer 83 – вежба што Советскиот Сојуз ја сфати како можен вистински напад. Project RYaN – потрага по знаци за нуклеарен напад. Распоредувањето на ракети со среден дострел во Европа.
Светот бил на чекор до катастрофа. А потоа, само три години подоцна, се случила Чернобилската катастрофа – потсетник дека дури и мирната нуклеарна енергија носи огромен ризик. Најголемата нуклеарна несреќа во историјата на човештвото. Во моментот на експлозијата, реакторот ослободи радијација еквивалентна на стотици атомски бомби како онаа во Хирошима. Но за разлика од експлозијата што трае миг, ова била тивка катастрофа – без звук, без боја, без мирис… а со последици што траат со генерации.
Во првите денови, луѓето не ни знаеле што се случува. Децата играле надвор, семејствата живееле нормално, додека невидлива радијација се ширела околу нив. Пожарникарите и работниците кои први интервенираа, без соодветна заштита, биле изложени на смртоносни нивоа на радијација. Над 350.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови – засекогаш.
Но катастрофата не останала таму. Радиоактивниот облак преминал граници, држави и континенти, потсетувајќи нè дека радијацијата не признава политика, ниту географија. Таа патува. И останува.
Ако Хирошима е момент на уништување, Чернобил е долготрајна болка.
Последиците се чувствуваат и денес – во зголемен број на канцери, генетски последици и цели региони кои остануваат небезбедни за живот. Чернобил нè научи една болна вистина: дека дури и кога ја користиме енергијата за мир, ако ја потцениме – таа може да стане исто толку разорна како и војната.
Денес, вооружувањето е уште поголемо. Технологијата е помоќна. Последиците би биле незамисливи.
Во светот постојат околу 12.000 нуклеарни боеви глави. Повеќе од 90% од нив се во рацете на две држави – САД и Русија, кои заедно поседуваат над 10.000. Останатите се распределени меѓу Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја.
Но бројките не ја кажуваат целата приказна. Денешните нуклеарни оружја се далеку помоќни од оние во 1945 година. Бомбата фрлена врз Хирошима имала сила од околу 15 килотони. Денешните нуклеарни боеви глави достигнуваат и до 800 килотони, па дури и повеќе – што е десетици пати посилно.
Покрај тоа, модерните ракети можат да носат повеќе боеви глави истовремено (MIRV системи), што значи дека една ракета може да погоди повеќе цели одеднаш. Интерконтиненталните балистички ракети можат да стигнат до својата цел за помалку од 30 минути, а некои хиперсонични системи уште побрзо.
Дополнително, многу од овие оружја се наоѓаат во состојба на висока готовност – подготвени за лансирање во рок од неколку минути. Тоа значи дека одлуките што можат да ја променат судбината на човештвото се носат во екстремно кратко време.
Но заканата денес не доаѓа само од државите. Постои и реална опасност од радикални групи и неконтролирани актери кои, водени од екстремни идеологии, би можеле да таргетираат нуклеарни централи или критична инфраструктура – без да сфатат дека таквите дејствија не уништуваат само противник, туку цели региони, па и нив самите. Радијацијата не избира страна.
Во исто време, наместо мирни транзиции на власт или дипломатски решенија, сведоци сме на продолжување на конфликти, провокации, терористички акции и судири со големи светски сили – често без јасна контрола, без долгорочна визија и без вистинска желба за просперитет. Таквиот пристап не носи победа – туку продлабочување на кризите и зголемување на глобалниот ризик.
Во состојбите меѓу Русија и Украина, меѓу Израел и Газа, меѓу САД, Израел и Иран, меѓу Израел и Јемен, меѓу Пакистан и Индија – гледаме сè почесто напади врз гасни и нафтени централи, па дури и нуклеарни постројки. Сè почесто се зборува за можност од употреба на нуклеарно оружје.
Во време кога светот повторно е растргнат од конфликти – од Украина, до Блискиот Исток – повторно се доближуваме до опасни линии. Повторно се зборува за нуклеарна закана… како да е тоа стратегија, а не судбина на човештвото.
Денес веќе не станува збор само за теоретски сценарија. Реалноста е многу поалармантна.
Во тековните конфликти, сведоци сме на директни напади врз чувствителна инфраструктура. Израел изврши напади врз нуклеарни објекти во Иран, вклучувајќи постројки поврзани со збогатување на ураниум и тешка вода . Истовремено, Иран возвраќа со ракетни напади, вклучително и кон цели поврзани со израелската нуклеарна инфраструктура, како Димона.
Во исто време, ситуацијата околу нуклеарната централа Бушер станува сè поопасна – напади во близина на објектот веќе се регистрирани, што директно ја загрозува нуклеарната безбедност .
Паралелно, во Украина, нуклеарните централи веќе беа дел од воени операции. Запорожје – најголемата нуклеарна централа во Европа – беше нападната и окупирана, создавајќи постојана закана од нуклеарен инцидент.
Дополнително, конфликтите се прошируваат и кон енергетска инфраструктура. Ракетни и дронски напади таргетираат нафтени и гасни постројки, што не само што ја дестабилизира економијата, туку предизвикува и огромно загадување и долгорочни еколошки последици. Во последните недели, беа погодени рафинерии, гасни полиња и енергетски капацитети во регионот.
Во ваква атмосфера, сè почесто се слушаат и опасни наративи – дека „брзо решение“ може да се постигне преку радикални мерки, па дури и преку нуклеарна ескалација или соборување на режими со сила. Тоа не е стратегија. Тоа е игра со иднината на човештвото.
Покрај тоа, ризиците не се само нуклеарни. Војните денес отвораат простор и за био-хемиски закани, сајбер напади врз критична инфраструктура и неконтролирани последици кои не познаваат граници.
Сето ова покажува една страшна вистина: не сме подалеку од катастрофа – туку поблиску од кога било. Ова не е само прашање на воена стратегија. Ова е прашање на опстанок.
Затоа што денес, не станува збор дали светот може да преживее нуклеарна војна –
туку дали човештвото може да си дозволи уште една грешка. Употреба на нуклеарно оружје би значело враќање на човештвото назад – без напредок, без иднина, само страдање за милиони.
Затоа повикувам: мирот нека ни биде императив.
Ја повикувам претседателката и мојата драга професорка да ги употреби сите канали на комуникација за повик за мир. Можеби ќе изгледа неважно. Некој ќе мисли дека сме мали и небитни во глобалната политика. Но сетете се – и најдолгиот пат започнува со еден чекор.
Мајка Тереза рече:
„Ако не можеш да нахраниш 1000 луѓе, нахрани еден.“
Затоа велам – и еден повик за мир е доволен. Еден апел на светските собири. Еден глас што ќе потсети дека човештвото има избор.
Генералниот секретар на Обединети нации неодамна порача: „Војната не е одговорот. Ни треба излез од оваа катастрофа. Дипломатијата е излезот. Целосно почитување на меѓународното право е излезот. Мирот е излезот.“
Затоа – да повикуваме на мир. Да зборуваме за мир. Да градиме мир. Бидејќи мирот не е слабост. Мирот е најголемата сила што човештвото ја има.
Текстот е личен став на Авторот















































