Преговорите за договор за заложници и прекин на огнот во Газа се чини дека се во ќорсокак, при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се наклонува кон проширување на воените операции, а Хамас бара да се реши хуманитарната ситуација пред да се врати на разговорите.
Како што пренесува Си-ен-ен, Нетанјаху ќе побара состанок на безбедносниот кабинет во вторник за да се поддржи целосното „освојување на Појасот“, според извештаите во израелските медиуми кои беа опишани како точни од извор запознаен со ова прашање.
Израелскиот Ynet цитираше високи функционери блиски до Нетанјаху кои рекоа: „Коцката е фрлена – одиме кон целосно освојување. Ако началникот на Генералштабот не се согласи – тој треба да поднесе оставка.“
Изворот изјави за CNN дека одбранбениот естаблишмент се спротивставува на проширувањето на копнените операции во областите каде што се верува дека се држат заложниците, бидејќи тоа би ризикувало да ги доведе во опасност.
Извештајот беше критикуван од група мајки на израелски војници, велејќи дека тоа би било фатално и за заложниците и за војниците. Палестинската власт ја повика меѓународната заедница да интервенира.
Запрашан за плановите за проширување на воената кампања, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар во понеделник рече дека тоа ја одразува „желбата да се вратат сите заложници и желбата да се види крајот на оваа војна откако разговорите за делумен договор не беа успешни“.
Не е јасно дали пристапот на израелската влада е во согласност со оној на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Д. Мишев