Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со гневот на демонстрантите пред израелскиот парламент, Кнесетот, во Ерусалим, еден ден откако ја продолжи војната во Газа, рушејќи го двомесечниот прекин на огнот со Хамас, објави Си-ен-ен, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
На автопатот 1 – главниот пат што го поврзува Тел Авив со Ерусалим – некои демонстранти држеа транспарент на кој пишуваше: „Иднината на коалицијата или иднината на Израел“.
Транспарентот алудира на тоа како, во текот на речиси 18 месеци војна и кревки прекини на огнот, Нетанјаху е обвинет дека и дава приоритет на цврстината на неговата владина коалиција пред безбедноста на неговата земја, како и на животите на израелските заложници и Палестинците во Газа.
Овие обвинувања беа изнесени со нов гнев откако Израел ја бомбардираше Газа во текот на ноќта кон вторникот и уби повеќе од 400 луѓе, според Министерството за здравство на Газа, во еден од најсмртоносните денови во војната.
За Нетанјаху, продолжувањето на војната помогна да се зацврсти неговата нестабилна коалиција во услови на неговото тековно судење за корупција и пред клучното гласање за буџетот на Израел. Но, за многу Израелци, обновените борби поттикнаа чувства на очај – и бес кон владата. А за Палестинците тоа значи крај на примирјето кое траеше само два месеци.
Според демонстрантите, војната на Нетанјаху во Газа се води за да го задржи на власт.
Д. Мишев