По објавувањето на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса-Алтернатива, БЕСА и Левица со цел гласање недоверба на Владата, претеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи Зејд, тврдеше дека бил доведен во заблуда со потписите за иницијативата и дека во никој случај неговиот потпис нема да стои покрај тој на пратеникот на Левица, Апасиев. Но, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, на 8 ноември излезе со друго тврдење: Реџепи ќе го поддржи гласањето на недоверба на Владата, закажано за 11 ноември.
Но ова тврдење на Николоски е спротивно на она што го тврдеше пратеникот Реџепи, и пред и по неговиот прес.
На 6 ноември, порталот Журнал на албански јазик излезе со тврдење дека „Скендер Реџепи – Зејд е против договорот за новото мнозинство“, што беше пренесено од повеќе медиуми.
Потврда за ставот на Реџепи објави и Слободен печат. „Пратеникот Реџепи има забелешки за вклучувањето на партијата Левица во коалицијата за рушење на оваа хибридна власт на СДСМ и ДУИ. Сметаме дека има алтернатива и решение и за ова прашање“, велат изворите од Алтернатива за „Слободен печат“.
Реџепи го потврди ова и за ТВ Алсат, пред одржаниот прес на Николоски. „Кога ја составувавме листата, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица. Не го добивме мандатот за да ѝ служиме на антиалбанска кауза“, изјавил Реџепи за Алсат.
По пресот на Николоски, вечерта на 8 ноември, во гостување на ТВ21, Реџепи уште еднаш го потврди спротивното. „Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи.
Дали ќе се обистинат твредњата на Николоски или на Реџепи, останува да видиме на гласањето на 11 октомври.
Во секој случај, како и да заврши гласањето, еден од овие двајца, Николоски или Реџепи, ќе ја изгуби довербата од дел од јавноста и ќе остане со „кратки нозе“! Можеби на некои политичари тоа и не им е важно, но треба да им биде важно на публиката и граѓаните.