Потпишани се 70 договори од вториот јавен повик од мерката за поддршка на руралната жена, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Корисничките на овој договор ќе добијат по 6.000 евра помош.
– 6.000 евра по корисничка ќе добијат жените земјоделки на кои земјоделското производство им е основна дејност. Од овие средства жените земјоделки ќе може да набават опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, машини за преработка на месо и останата преработувачка опрема со што ќе може да развијат нови брендови, нови производи, и нова додадена вредност во македонската економија, токму во руралните средини – рече Николовски.
Тој ги охрабри земјоделките да аплицираат и за другите мерки кои како министерство ги даваат како поддршка.
-Со новата Програма за поддршка на малите производители на храна, овозможуваме грант од 10.000 евра за набавка на опрема за производство и директна продажба, преку која се очекува развој на над 2000 нови производители. Жените земјоделки ќе може да аплицираат и за новата мерка од Програмата за рурален развој со која со сопствен бизнис план и идеја, преку отворен јавен повик ќе може да аплицираат во текот на целата година и да создаваат свој препознатлив печат и бренд. Преку новиот модел за субвенционирање, 40.000 денари обезбедуваме за земјоделците од мал обем без услов за предавање на производството – истакна Николовски.
Тој заклучува дека руралната жена во општеството, заслужено и со почит, како што рече, се искачува повисоко на социјалната скала.
Извор Бриф.мк.