CivilFest
Categories

СКРМ Нивелација на платите или блокада на институциите и протести

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) испрати соопштение во кое го изразува своето незадоволство и револт заради необезбедувањето на средства во буџетот за следната година по однос на зголемување на плати за вработените во културните и уметничките институции. 

„Како што знае јавноста и како што ни беше ветено од страна на Министерството за култура, до крајот на оваа година требаше да биде донесен новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и да се обезбедат средства за нов Колективен договор. Но, Законот се уште не е донесен, а средства за Колективен договор не се обезбедени“, стои во соопштението на СКРМ.

Оттаму велат дека во разговор со Министерот за култура им било образложено дека доцнењето на Законот за култура е последица на измените во Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници кои сè уште се во подготовка и во кои треба да се вметнат промените што се извршени во предлог Законот за остварување на јавниот интерес во културата со цел трите закони да бидат усогласени.

„И покрај тоа што СКРМ има разбирање за успореното темпо во усвојувањето на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, а со тоа и за потпишувањето на Колективниот договор, сепак, ова не го ублажува револтот и разочарувањето од состојбата во која се наоѓаат вработените повеќе од една деценија“, велат од Синдикатот.

Тие бараат нивелација на платите во рамките на дејностите преку која делумно ќе се амортизираат моментално катастрофалните состојби каде што за работни места со ист степен на сложеност и одговорност се исплаќаат различни плати.

Барањето за нивелација на платите е испратено до Министерството за култура и се очекува одговор, а поднесен е и амандман од страна на пратеници во кој се бара преку Собранието на Република Македонија средствата за нивелација да бидат изгласани и вметнати во буџетот за следната година.

Според пресметките направени во Министерството за култура, за нивелирање на плати се потребни околу 75.000.000 денари.

Вработените во културните и уметничките институции веќе 12 години чекаат Колективен договор. Културата остана единствената гранка во јавниот сектор во кој платите не се уредени. Платите во културните и уметничките институции се сè уште најниски во јавниот сектор.

„Не можеме да зборуваме за културен и уметнички развој во државата кога оние кои што ја создаваат уметноста, оние кои се грижат за културното наследство, библиотечните фондови и кинотечните збирки се на работ на егзистенција. Уметниците и културните работници веќе немаат трпение. Затоа предупредуваме, доколку не бидат обезбедени средства за нивелација до 31 Декември оваа година, во новата година уметниците и културните работници ќе влезат со блокирање на институциите и со излегување на улица“, соопштуваат од СКРМ. 

К. С.

Print Friendly, PDF & Email