Полковникот Горан Василевски поседува безбедносен сертификат потребен за неговото работно место издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Тоа го наведува во соопштение Министерството за одбрана оквалификувајќи ги како дезинформации тврдењата што ги изнесе денеска ВМРО-ДПМНЕ од каде упатија прашање „каква порака им испраќа Македонија и Министерството за одбрана на нашите партнери од НАТО, доколку за прв човек на военото разузнавање се постави лице со дамки во кариерата кое имало проблеми во земјава да обезбеди безбедносен сертификат“.
Како што наведуваат од МО, до моментот на добивање сертификат, Василевски нема решение од министерката за одбрана дека е овластено лице за безбедносни сертификати во МО. – Дека нема пречки да се стекне со потребниот степен на доверливост, потврдуваат и УБК и ДБКИ, кои сигурно дека не би ги нарушиле востановените процедури доколку постоел податок кој го тврди спротивното. Претходната пракса на одземање на безбедносните сертификати, во голем број случаи се користела како начин за дискрециско фаворизирање на едни, а елиминација на други кадри во МО и АРМ. И од страна на Генералштабот на АРМ во повеќе прилики беше оценето дека оваа пракса се злоупотребувала како алатка за елиминирање или протежирање на политички подобни кадри. Таа практика заврши, потенцира Министерството за одбрана.
Ваквите дезинформации, посочува Министерството, нема да не спречат во искоренувањето на сите аномалии во овој сектор кои земјата веќе ја чинеа многу. – Ја повикуваме ВМРО ДПМНЕ да престане со ширењето на дезинформации кои се на штета на државните интереси. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се придружи кон напорите на Владата кои се признаени од сите меѓународни партнери, за деблокирање на процесот на интеграција на Македонија во НАТО, велат од МО.
Владата, се вели во соопштението, е цврсто решена да стави крај на ваквите и сите други злоупотреби во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и спроведува суштински реформи, врз основа на забелешките од Прибе.
[divide]
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.