Новиот предлог-закон за игри на среќа што го усвои Владата предизвика остри реакции од АСОМ и АПИС, кои предупредуваат дека мерките може да доведат до затворање на стотици објекти, масовни отпуштања и раст на нелегалниот пазар.
Најспорни за индустријата се ограничувањата за онлајн приредувањето и воведувањето задолжителна дистанца од 500 метри меѓу обложувалниците и училиштата. Од АСОМ тврдат дека законот бил подготвен без јавна дебата и без консултации со компаниите од секторот, оценувајќи дека се работи за обид за целосна промена на пазарот.
Приредувачите предупредуваат дека со новите правила може да бидат загрозени над 10.000 работни места и значителни буџетски приходи, додека дел од легалниот бизнис би се префрлил во „сива зона“. Најжестоки реакции предизвикува одредбата со која сите објекти за игри на среќа треба да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основни и средни училишта.
Од Владата, пак, порачуваат дека измените се насочени кон поголема контрола и заштита на младите од зависност од коцкање. Сепак, индустријата најавува правни чекори и можни протести доколку законот продолжи во собраниска процедура без дополнителен дијалог.
ЦИВИЛ Медиа Деск










































