ВЕСТ НА ДЕНОТ: СЈО ЌЕ СЕ ИНТЕГРИРА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ПОД ВОДСТВО НА ВИЛМА РУСКОСКА
Премиерот Зоран Заев најави дека Владата следната недела до Собранието ќе достави нов текст на Законот за Јавно обвинителство, според кој Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира со постојното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со новото Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција ќе раководи Вилма Рускоска, која и досега беше шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Одлуката на Владата да го испрати текстот на законот до Собранието без постигнат консензус со опозицијата доаѓа откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби да присуствува на лидерската средба, закажана за денеска, па откажана.
ЦИВИЛ БАРА ИТНИ И КОРЕНИТИ РЕФОРМИ НА ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ
Спојување на сите шест изборни единици во една, отворени листи на кандидати, реформи во Државната изборна комисија која ќе биде формирана на база на независни експерти во областа на изборното право, комплетно нов Изборен законик, финансиски независни општински изборни комисии составени од експерти, а не членови на политички партии и целосна ревизија на Избирачкиот список, се дел од барањата и препораките на ЦИВИЛ – Центар за слобода кои денеска беа презентирани на прес конференција.
СЕ ОТКАЖА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА
Владата на Република Северна Македонија информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи. Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја, соопштуваат од владата.
БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ РАДЕВ: ПОДДРШКАТА ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НЕ Е БЕЗУСЛОВНА Наша должност е да ја поддржуваме Северна Македонија, но не безусловно и безрезервно, истакнал бугарскиот претседател, Румен Радев, на средба со амбасадорите и постојаните претставници на Бугарија во странство во Софија.
РУСКОВСКА: СЕ ИСТРАЖУВА РЕКЕТ И ВРЗ ДРУГИ БИЗНИСМЕНИ Засега нема нови моменти во истрагата за случајот „Рекет“. Има сознанија и за други случаи на уцени кои се вршени од осомничените, неколку бизнисмени веќе дале изјава во обвинителството, но во моментов детали за тоа не можат да се откријат, вели обвинителката Вилма Рускоска и посочува дека сè уште не завршено вештачењето на запленетиот телефон на обвинителката.
ПЕНДАРОВСКИ: ЛИДЕРСКА СРЕДБА ТРЕБА ДА Е КАЈ ШЕФОТ НА ДРЖАВАТА – Не би сакал да ја поткопувам иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, сепак сметам дека вистинското место за лидерската средба е кај претседателот на државата, вели Пендаровски.
ЕКО ГЕРИЛА БАРА ОД ЗАЕВ ДА СЕ ОДЗЕМАТ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ТЕУТА АРИФИ Граѓанската организација Еко Герила денеска алармираше дека секој ден во Тетово се узурпираат јавните зелени површини, а локалните власти не реагираат. Имајќи предвид дека премиерот Зоран Заев ја поддржа Теута Арифи на последните локални избори, од него побараа одговорност и да ги одземе нејзините ингеренции, а од Јавното Обвинителство побараа да отворат истраги.
М. Ивановска