Израелската војска вчера соопшти дека нејзините копнени сили ги „прошируваат своите активности“ во Газа, што може да биде почеток на нова фаза во израелската војна со Хамас, која започна пред речиси три недели, објави Си Би Ес Њуз.
Известувачот на Си Би Ес Њуз од местото на воениот конфликт емотивно изјави дека „се одзема здивот кога ќе се погледнат видеата и фотографиите од луѓето кои умираат и безживотните тела на деца“.
Пред три недели овие луѓе беа живи. Сега овие неколку илјади луѓе се мртви, без разлика дали сте на страната на Израел или на страната на Хамас или на страна на палестинските територии многумина ќе се согласат со мене дека овие луѓе загинаа беспотребно. Ова е трагедија, нагласи американскиот новинар.
Тој се согласи со зборовите на генералниот секретар на ОН дека ова претставува невидена лавина од човечки страдања, дека е потребно да се дозволи хуманитарната помош и да се спречи непотребната загуба на животи, бидејќи никој не знае до кога ова ќе продолжи.