Новинарите на изданијата на Медиа принт Македонија (ММП) од редакциите „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, излегоа на улица на штрајк, бидејќи не можат да се договорат со менаџментот да им се исплатат заостанатите плати.
„Дознаваме дека во МПМ сега дојдоа истражители на Специјалното јавно обвинителство, меѓутоа тоа нема врска со нас, туку така се совпаднаа работите, тие си ја вршат својата работа, ние си ја вршиме нашата работа“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Љубиша Станковиќ, претседател на синдикалната организација на „Утрински весник“.
Тој истакна дека е жално што преку медиумите новинарите дознааваат дека компанијата „Орка Холдинг“ си заминала од МПМ, во време на интензивни обиди за преговори со менаџментот.
„Минатата недела бил одржан состанок каде што биле присутни и главните уредници и Јордан Камчев (сопственик на „Орка Холдинг“) и не знаеме што е договарано. Меѓутоа, дознаваме дека Управниот одбор на ‘Орка Холдинг’, ја донел одлуката на 12 декември, еден ден по парламентарните избори, а на 31 декември, тие и дефинитивно излегле од компанијата. Што се случува – не знаеме, но почна да заличува на некои компании кои се во обработка во предметите на СЈО“, додаде Станковиќ.
Тој потенцира дека имаат поддршка и од главните уредници кои по функција не смеат да бидат дел од штрајкот. До недела штрајкот ќе се одвива по четири часа дневно, од вторник ќе се зголеми на шест часа, а весниците ќе продолжат да излегуваат.
Владо Апостолов од Самостојниот синдикат на новинарите кој ги поддржа штрајкувачите од МПМ во нивните барања, вели дека и порано имало револт, но дека ова е прв законски организиран штрајк на новинарите.
Поддршка за новинарите на МПМ даде и Здружението на новинарите на Македонија.