Новинарските екипи од СДК.МК и ТВ Телма, кои денеска го следеа увидот во гимазијата во Демир Хисар каде беше пријавено провалување во директорската канцеларија, беа легитимирани од полициските службеници.
Од полицијата на новинарите им беше побарано да дадат лични карти зашто се воделе како непознати лица на настанот, при што им беа запишани сите податоци од личните карти од адреса и датум на раѓање, па дури и бројот на регистерска табличка од возилата, иако ги носеле новинарските легитимации,
Новинарите го следеа настанот во кој досегашната директорка Маја Лозановска, по боледувањето и претресот во домот, дојде во Гимназијата каде беше присутна и новата в. д. дирекрорка назначена од градоначалникот. Лозановска и нејзиниот адвокат во полиција пријавија дрка е провалено во директорската канцеларија.
Тие денеска се јавија на информативен разговор во полиција, но не го обавија, и откако биле прашани кој ги повикал, им било кажано пак да дојдат утре, 13 август.
Претходно, на 8 август вечерта, полицијата направи претрес во домот на Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Таа во тој период беше на боледување, а полицискиот началник бараше на носилки да ја однесат на информативен разговор иако имаше налог само за претрес, а не и за нејзино лишување од слобода. Од МВР покренаа дисциплинска постапка против началникот, а за случајот соопштија дека против директорката имало пријава и постоеле основи на сомневање за кривично дело Одземање печат и службени документи.