Се чини дека новите премиери во Бугарија и Северна Македонија конечно внесоа нов, позитивен импулс во решавањето на недоразбирањата меѓу двете држави, што беа причина за бугарското вето за отворање на пристапните преговори за членство на земјава во ЕУ.
По вчерашната посета на новиот бугарскиот премиер Кирил Петков во земјава, веднаш по инаугурацијата на неговиот македонски колега Димитар Ковачевски, се чини дека двете влади се на ист колосек кој води кон решавање на спорот . Вчера беше договорено Бугарија да го прифати краткото име на земјава, Северна Македонија, откако земјава испрати нота од ОН со која потврдува дека терминот Северна Македонија го означува географскиот простор на Република Северна Македонија и дека нема никакви територијални претензии кон ниту една држава, со што се направи првиот заеднички чекор и се затвори едно од отворените прашања меѓу двете земји, кое беше дел од одговорите на 5+1 барањето на Бугарија. Двете влади направија значаен исчекор кон враќање на довербата меѓу двете држави што би требало да придонесе до кревање на бугарското вето и одблокирање на ЕУ интеграциите на земјава.. Двајцата премиери најавија формирање на повеќе работни групи кои ќе се фокусират на најзначајните прашања во моментов, почнувајќи од инфраструктура, економија, трговија, европски интеграции, образование и култура. Еднаш неделно ќе има средби барем на една од работните групи со цел остварување на побрз напредок и поголема соработка меѓу граѓаните, со што постигнатите резултати ќе бидат видливи почесто. Ковачевски Петков истакнаа дека приоритет му се дава на добрососедството, преку зголемување на размената, а за таа цел се најави скорешно воспоставувањето на авио-линијата Софија-Скопје. Воспоставувањето на поблиска соработка меѓу двете соседни држави ќе даде еден позитивен стимул и дополнителни аргументи за да се направи финалниот исчекор за постигнување на договор меѓу двете земји и отворање на патот за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија на Северна Македонија.
Големи полемики предизвика подготвеноста на македонската страна за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Противниците на оваа идеја аргументираат со непостоење на македонското малцинство во бугарскиот устав, и дека во најмала рака би требало да се инсистира на реципроцитет.
Но, не е само македонското, Република Бугарија во својот Устав не признава ниту едно малцинство, бидејќи сите граѓани ги става како еднакви пред законот и не признава колективни права. Токму затоа дури и партиите кои ги претставуваат Турците кои живеат во Бугарија во своето име никаде не ги содржат поимите Турција, Турски или Турци. Поради тоа што во бугарскиот Устав не се признаваат малцинските и се гарантираат колективни права, ниту Македонците ни Турците не може да регистрираат организации поврзани со нивниот етнички идентитет. Според официјалните податоци, во Бугарија, живеат околу 8,8 отсто Турци, а партијата на Турците во Бугарија, „Движење за права и слободи“ е регистрирана како независна јавна и политичка организација, основана со цел да придонесе за единство на сите бугарски државјани.
Уставот на Република Бугарија од 1991 година, ја дефинира државата како унитарна парламентарна република која гарантира еднаквост на сите нејзини граѓани. Според Уставот, секој граѓнин има право да се чувствува како што сака, но тој не гарантира и заштита на колективните и малцинските права.. Бугарија во Уставот воопшто не признава малцинства, исто како и Франција, што воопшто не зачудува бидејќи бугарскиот Устав се базира на Уставот на Франција од 1958 година, кој во својот прв Член истакнува дека гарантира еднаквост на сите граѓани пред законот, без разлика на нивното потекло, раса или религија. На овој начин, Република Бугарија ги третира граѓаните како индивидуи, не гледајќи ги нивните етничките, религиски или јазични различности. Ваквата практика, иако несвојствена за регионот, се обидува сите граѓани да ги третира еднакво, обидувајќи се да ја намали дискриминацијата. На тој начин, бугарската држава не може да води дискриминирачки политики кон одредени етнички заедници, бидејќи кон сите граѓани се однесува еднакво.