Денеска во Уставниот суд почнаа со работа новоизбраните судии Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер. Двајцата судии утрово беа примени од претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, добија работни материјали за следната седница закажана за 9 ноември. Судиите Бозаџиева и Скендер се запознаа со вработените во службата на Уставниот суд и во наредниот период ќе им бидат распределени предмети за работа, информираат од службата за односи со јавноста на Уставниот суд.
Двајцата новоизбрани уставни судии имаат мандат од девет години.
Уставниот суд и во оваа прилика апелира до пратениците да го почитуваат Уставот и да ги пополнат и останатите три судиски места за да може Судот да функционира во полн капацитет и да одлучува за сите предмети кои се од голема важност за државата и за граѓаните.
На 28 октомври, по процедура која траеше повеќе од една година, во која требаше да се изберат тројца уставни судии, на изпразнетите места во Уставниот суд, пратениците успеаја да изгласаат двајца. Со ова Уставниот суд доби двајца нови уставни судии, откако правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер, денеска со 65 гласа „за“ и еден „против“ беа изгласани во Собранието.












