Кандидатот на Демократската унија за интеграција, за градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, на вчерашниот митинг во Скопје, пред присутните рече дека чаирчани заслужуваат градоначалник што произлегува од нивните редови, а не политичар кој ќе се занимава со водење на висока политика.
„Ќе направам сѐ за програмата наречена ‘договор’ да се реализира во целост“, нагласи Ганиу, додавајќи дека на Чаир не му се потребни партиски функционери кои стремат кон лични придобивки.
„Чаирчани не сакаат градоначалник како што е мојот противник кој зборува за „енверизам“ и „титоизам“, тие сакаат менаџер кој ќе реализира проекти. На нив им треба човек што е близок со народот и кој ќе ги реши нивните проблеми. На Чаир не му треба нереализиран филозоф за градоначалник“, рече Ганиу, кандидат за градоначалник на ДУИ, алудирајќи на неговиот против-кандидат од Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими.
По изјавата на Ганиу, настана збрка и дебата на социјалните мрежи дали го нарече противкандидатот Ибрахими – „нереализиран филозоф“ или „парализиран филозоф“? На својот Фејсбук профил Ганиу, на албански напиша ‘filozof i (pa) realizuar”. Но, останува дилемата зошто токму тој збор е искористен. Дали (не)намерно сакал да го дискридитира својот противник? Ние ќе оставиме граѓан(к)ите да одлучат, преводот на албански-македниски е: (нереализиран – pa raelizuar), или (парализиран – paralizuar).
На Ганиу не му е прв „кикс“ вчерашниот говор, тој и пред неколку дена во интервју за косовската новинарка, Јета Џара, рече дека не го познава Беќир Асани, десната рака на Изет Меџити, поранешниот градоначалник на Чаир. По таа изјава, граѓаните на социјалните мрежи објавија заеднички фотографии на Ганиу и Асани, дека сепак добро се познаваат, и дека Ганиу излажал. Меѓутоа, се поставува прашањето – зошто Ганиу сакаше да сокрие дека се познава со Асани? Грев ли е тоа ако се познаваат со Асани, или…? Се добива впечаток дека никој не сака да си „игра“ со Асани…
Лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, на вчерашниот митинг оддржан на плоштадот Скендербег во Скопје, рече дека Ганиу има безрезервна поддршка и дека треба да победи за да продолжи со мисијата, и да создава вредности.
„На 15 октомври, прв човек на Чаир ќе биде Висар Ганиу, а со неговата победа ќе победи цело старо Скопје, ќе победат и тие што нема да гласаат за него, истакна Ахмети.
По изборите, старата скопска Чаршија ќе добие нова ера, оти досега животот во чаршијата беше некако заборавен. Дали доаѓањето на новата ера во Чаршија, ќе има конечно подобар живот на сите?
Дехран Муратов